
Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2025 година. Во Извештајот се оценува дека во текот на 2025 година, во услови на стабилен домашен амбиент, финансискиот систем ја задржа својата стабилност и отпорност и покрај предизвиците и неизвесноста во глобалното окружување.

Сите сегменти на пазарот – од банкарскиот систем, преку приватните пензиски и инвестициски фондови, осигурителниот сектор, до помалите институции, како штедилниците и друштвата за лизинг, остварија солиден раст и непречено ги извршуваа финансиските активности, придонесувајќи за натамошно продлабочување на финансиското посредување.
Банкарскиот систем ја задржа стабилноста во 2025 година, неговата солвентност и капитализираност продолжи да расте, што придонесе за натамошно зајакнување на капацитетот за справување со потенцијалните шокови. Показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се задржаа на задоволително ниво, при натамошен раст, иако забавен, на ликвидната актива, во услови на малку побавен раст на депозитите и истовременото засилување на кредитната активност на банките.
Осигурителниот сектор одржува соодветна солвентност и ликвидност, како и солидна профитабилност, при ограничени ризици. Од суштинско значење за нивното работење и натаму остануваат внимателното управување со ризиците и натамошното намалување на трошоците.
Кај останатите сегменти на финансискиот систем, кои се значително помали, и во 2025 година се издвојуваат инвестициските фондови, кои втора година по ред се најбрзорастечкиот сегмент од финансискиот систем, што произлегува од високите приливи на нови средства во овие фондови, при намалени стапки на принос во 2025 година, во услови на променливи движења на пазарите на капитал.
Во Извештајот се оценува дека одржувањето силен и отпорен банкарски сектор претставува еден од клучните предуслови за зачувување на финансиската стабилност и ќе остане приоритет на Народната банка и во наредниот период. Токму затоа, особено во услови на неизвесно окружување, Народната банка продолжува да води претпазливи политики, преку активно користење на макропрудентниот инструментариум и внимателна монетарна поставеност.
Влијанието на ризиците врз финансиската стабилност во голема мера е условено и од отпорноста на домаќинствата и корпоративниот сектор, преку нивните одлуки за штедење, задолжување и соодветна отплата на обврските. Кај домаќинствата, ризиците за финансиската стабилност во 2025 година се задржаа на умерено ниво, при натамошно зајакнување на финансиската позиција, умерена задолженост и подобрување на квалитетот на кредитите, а новите макропрудентни мерки дополнително ја зајакнаа заштитата од прекумерна задолженост. Ризиците од корпоративниот сектор, исто така, се оценети како умерени, со подобрена профитабилност и одржлива задолженост на секторот, но со присутни структурни слабости поврзани со традиционално ниската ликвидност, финансиската дисциплина и неизвесното надворешно окружување, што ја нагласува потребата од претпазливо управување со ризиците и зајакнување на конкурентноста.
На редовната седница, Советот на Народната банка го усвои и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за вториот квартал од 2026 година, во кој се оценува дека банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност со високо ниво на солвентност и задоволителна ликвидност, и добар капацитет за справување со претпоставените шокови.

На истата седница, Советот разгледа и усвои повеќе материјали поврзани со тековното работење и надлежностите на Народната банка.
