
Ива Михаилова од Кочани, против која во Македонија се води судска постапка за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици, се појави во подкастот на бугарскиот новинар Мартин Карбовски, каде што изнесе сериозни обвинувања на сметка на македонските институции, тврдејќи дека е изложена на притисоци поради нејзиното бугарско национално чувство.
Подкастот, објавен на 7 ноември, е насловен „Сакаа да се откажам од бугарското во мене“, а во разговорот, покрај Михаилова, учествува и нејзиниот адвокат Николај Димитров.
Во интервјуто Михаилова го става во преден план прашањето за својот национален идентитет, нагласувајќи дека се чувствува како Бугарка, иако е родена во Македонија. Таа тврди дека токму нејзиното национално определување е една од причините за односот што го имаат македонските институции кон неа.
Михаилова изнесе и сериозни обвинувања за постапувањето на обвинителството. Според нејзините тврдења, преку посредник и биле побарани пари за да добие условна пресуда во судската постапка што се води против неа. Обвинителот кој постапувал по предметот го нарече „бугарофоб“, обвинувајќи го за пристрасност.
За ваквите тврдења засега нема независна потврда, ниту е познато дали надлежните институции презеле активности за нивно испитување.
Нејзиното гостување во бугарскиот подкаст доаѓа во период кога против неа се води судски процес поради сообраќајната несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен, а неколку други лица беа повредени.
Според обвинението, Михаилова се товари за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Обвинителството тврди дека таа управувала со возило со недозволена брзина и преминала во спротивната сообраќајна лента, по што дошло до судирот.
Михаилова и нејзиниот правен тим ја оспоруваат ваквата верзија на настанот и тврдат дека одговорноста за несреќата е на другата страна.
Случајот дополнително го привлече вниманието на јавноста откако Михаилова ја напушти Македонија и замина во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени патните исправи и ѝ била изречена забрана за напуштање на државата.
По нејзиното заминување, македонските надлежни органи распишаа потерница, а Основниот суд во Кочани донесе решение судската постапка да продолжи во нејзино отсуство, бидејќи таа не им е достапна на државните органи. Новото судско рочиште беше закажано за 9 ноември.
Со гостувањето кај Карбовски, Михаилова повторно ја пренесе својата верзија за случајот пред бугарската јавност, поврзувајќи го кривичниот прогон со прашањето за нејзиниот национален идентитет.
Сепак, во центарот на судската постапка останува сообраќајната несреќа во која едно лице го загуби животот. Прашањето за евентуалната кривична одговорност на Михаилова треба да биде утврдено врз основа на доказите во судскиот процес, независно од нејзината национална определба и јавните настапи.

