
Најмалку 21 лице загина, а повеќе се повредени во тешка сообраќајна несреќа на островот Фого на Зеленортските Острови, откако автобус со ученици излетал од патот и паднал во провалија длабока околу 30 метри.
Несреќата се случила синоќа на патот меѓу Ча дас Калдеирас и Кампанас де Сима, во северниот планински дел на општината Сао Филипе. Автобусот што ги враќал децата од излет во Ча дас Калдеирас, излетал од патот и паднал во стрмна и карпеста провалија, што значително ги отежнало спасувачките операции.
Според локалните власти, повеќето патници биле млади луѓе и ученици од средните училишта од областите Курал Гранде и Понта Верде. Меѓу загинатите е и возачот на автобусот. Најмалку десет патници биле исфрлени од возилото при падот, додека дел од патниците останале заробени во автобусот.
Локалните образовни власти појасниле дека излетот не бил организиран од училиштата. Станувало збор за приватна активност што возачот традиционално ја организирал секоја година за учениците што ги превезувал во текот на учебната година.
Повеќе од десет повредени биле примени во Ургентниот центар на Регионалната болница „Сао Франциско де Асис“ во Сао Филипе, а некои од нив се во тешка состојба. Медицинскиот персонал бил целосно мобилизиран за згрижување на повредените, додека дел од нив биле упатени и во приватна клиника на дополнителни прегледи.

