
Општина Карпош ги демантираше информациите дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка од функцијата, посочувајќи дека тој во моментов користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини.
Од Општината апелираат до јавноста и медиумите за разбирање и почитување на приватноста на градоначалникот и неговото семејство.
„Градоначалникот Сотир Лукровски во овој момент користи боледување и е привремено отсутен поради здравствени причини, за што замолуваме за разбирање“, соопштија од Општина Карпош.
Во соопштението се додава дека работата на Општината продолжува непречено и со целосен капацитет, без застој во функционирањето.
Согласно законските процедури, додека трае отсуството на Лукровски, неговите надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски.

Реакцијата на Општината доаѓа по шпекулациите во јавноста дека Лукровски подготвил оставка и дека во ВМРО-ДПМНЕ постои загриженост за евентуални нови локални избори во Карпош.

