
Во пратка од Тајланд, декларирана како облека, на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина биле откриени и запленети 207 килограми и 466 грама суров канабис, во вредност од околу 1 милион евра, што пристигнале во август годинава.
Според грчката полиција, Дирекцијата за борба против дрога во соработка со Одделението за сузбивање на шверц при царинската управа на аеродромот, спречиле обид за влез на дрогата во Грција, по добиените информации.
Поконкретно, во магацин за привремено складирање на стока биле откриени 48 картонски кутии, поставени на две палети, за кои било утврдено дека содржат 207 килограми и 466 грама суров канабис.
Дополнително, била утврдена и рутата на движење на палетите, кои со авион биле испратени од Тајланд, а во придружната документација како декларирана стока била наведена облека.
– Се проценува дека очекуваната финансиска добивка од понатамошната дистрибуција на запленетата количина канабис би достигнала до 1.000.000 евра, соопштија од грчката полиција.
Додадоа дека истрагата продолжува со цел целосно расчистување на случајот.


