Skip to main content
Култура, Македонија

Музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“ во Охрид во рамки на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија

09/08/2026  08:16

Со досега најголем музичко-сценски спектакл виден во Македонија вечер во Охрид продолжува одбележувањето на 35-годишнината на независноста. Музичко-сценскиот спектакл ќе се одржи на стадионот „Билјанини извори“ со почеток во 19:30 часот, а караванот ќе посети и 11 други градови. 

Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл ќе биде раскажана приказната за 35 години независност на нашата татковина, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении. 

На 11 август спектаклот ќе биде изведен во Битола пред платото на Офицерскиот дом, а на 12 август во паркот пред Општина Велес.

Во пресрет на 8 септември, во наредниот период караванот ќе посети 11 градови низ државата, носејќи ја празничната атмосфера поблиску до сите граѓани. Останатите градови ќе бидат дополнително објавени.

На 15 август во Градскиот парк во Струмица со почеток во 20 часот концерт ќе одржат трите легендарни македонски бендови Меморија, Мизар и Синтезис. 

Легендите на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат заедно на 16 август исто така во Градскиот парк во Струмица, во рамки на одбележувањето 35 години независност на Македонија. 

За 1 септември е најавен настапот на славниот шпански тенор Хосе Карерас на Плоштадот Македонија заедно со македонски ѕвезди меѓу кои ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружуван од Оркестарот на Филхармонијата.

Кулминација ќе биде последниот перформанс на 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, на кој ќе настапат повеќе од 120 уметници.  Музичкиот дел од одбележувањето завршува на 8 септември со настапот на Дејвид Гета на скопскиот стадион „Тоше Проески“.

Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започна на 2 Август – Илинден во Битола.