Skip to main content
Свет

Мнознство Полјаци се вознемирени од начинот на кој Трамп сака да постигне договор за прекин на војната во Украина

27/02/2025  12:34

Мнозинството Полјаци не мислат дека досегашните активности на американскиот претседател Доналд Трамп и начинот на кој тој се обидува да преговара за завршување на војната во Украина ја зајакнуваат нивната безбедност, покажува новата анкета на агенцијата ИБРИС направена за весникот „Жечпосполита“.

Додека 36,5 отсто од анкетираните веруваат дека можат да се чувствуваат побезбедно, 56,9 отсто не веруваат дека начинот на кој Трамп ги води преговорите придонесува за нивната безбедност.

Најмногу вознемирени од постапките на Трамп се гласачите на владејачката коалиција, 79 отсто, а 63 отсто се меѓу неопределените.

Полската конзервативна опозиција од партијата Право и Правда на Јарослав Качински со ентузијазам го поздрави изборот на Доналд Трамп за претседател, а нејзините активисти претходно приватно им ги предадоа на американските републиканци сите критички и негативни изјави на премиерот Доналд Туск и неговите министри за Трамп во последните години.

Лидерот Качински јавно ги изрази своите очекувања дека победата на Трамп ќе обезбеди кандидатот на неговата обединета десница, директорот на Институтот за народна меморија, Карол Навроцки, да победи на претстојните претседателски избори.

Меѓутоа, беневолентниот однос на Трамп кон Русија и договорите без Украина и Европа, најавите дека ќе ги повлече американските војници чие присуство на источното крило на НАТО Полјаците го гледаат како една од најсилните гаранции за одвраќање на Русија од напад врз нивната земја, како и понижувањето кое деновиве Трамп му го приреди на полскиот претседател Анджеј Дуда кога го оставил да го чека 1,5 час, а потоа со него разговарал само седум минути и не го ни примил во Белата куќа како што го направи подоцна со францускиот претседател Емануел Макрон, сериозно влијае на падот на популарноста на кандидатот Навроцки.

Како кандидат на партијата која безрезервно го поддржа новиот американски претседател, Навроцки падна на петтото место во последната анкета за популарност на полските политичари со доверба од 33,2 отсто, што е за 5,3 отсто помалку од претходниот месец.

Фаворит на претседателските избори закажани за 18 мај е популарниот проевропски градоначалник на Варшава, Рафал Чашковски од Граѓанската коалиција на премиерот Доналд Туск, кој го поддржуваат 43,5 отсто од гласачите, што е за 2,3 отсто повеќе од јануари, а во исто време е и најпопуларниот политичар во Полска.