
На СДСМ му е потребно освестување и враќање кон изворните социјалдемократски вредности, изјави министерот за јавна администрација и функционер на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, коментирајќи ги новите иницијативи и групации во опозициската партија кои бараат промени во актуелното раководство.

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев им посака среќа на оние кои бараат промени во СДСМ, но оцени дека нивните критики за политиките на партијата доаѓаат со задоцнување.
„На Социјалдемократскиот сојуз му е потребно освестување и јас искрено им посакувам среќа на оние кои бараат промени. Сепак, има голема разлика меѓу нас и нив. Движењето ЗНАМ, предводено од Максим Димитриевски, гласно ги кажа сите грешки уште кога СДСМ беше на врвот на својата моќ, а не откако ги изгуби сите позиции. Дел од луѓето кои сега бараат смени беа активни учесници во таа власт и ги спроведуваа истите тие штетни политики“, изјави Минчев.
Според него, внатрепартиските случувања се работа на самиот СДСМ, но тој оцени дека партијата денес се соочува со сериозна внатрешна криза и губење на поддршката кај дел од сопственото членство.
Минчев, кој повеќе од три децении беше дел од СДСМ и во минатото ја извршуваше функцијата генерален секретар на партијата, изнесе остри критики и за насоката во која, според него, се движела партијата во изминатите години.
Тој оцени дека СДСМ ги напуштил дел од своите основни државотворни и социјалдемократски принципи и дека политиките на партијата се оддалечиле од вредностите на кои таа била изградена.
Според Минчев, СДСМ во минатото се повикувал на вредностите на Илинден и АСНОМ, како и на заштитата на македонскиот идентитет, додека денес, според неговата оценка, партијата е оптоварена со тесни интереси и обвинувања за коруптивни политики.
Тој смета дека токму враќањето кон изворните социјалдемократски и државотворни принципи треба да биде еден од клучните предизвици за оние кои денес бараат промени во СДСМ.
Минчев истовремено направи разлика меѓу сегашните иницијативи во СДСМ и Движењето ЗНАМ, посочувајќи дека луѓето кои подоцна го формирале ЗНАМ јавно ги критикувале политиките на СДСМ уште во периодот кога партијата била на власт.
Според него, дел од оние кои денес бараат промени во СДСМ во претходниот период биле дел од власта и учествувале во спроведувањето на политиките кои сега ги критикуваат.
Минчев оцени дека за СДСМ следува период во кој партијата ќе мора да одговори на внатрешните барања за промени и да одлучи во која насока ќе продолжи понатаму.


