Skip to main content
Македонија

Минчев: Македонија има околу 130.000 вработени во јавниот сектор

24/09/2026  21:12

Околу 130.000 лица се вработени во целокупниот јавен сектор во Северна Македонија, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Минчев, во оваа бројка се опфатени вработените во институциите на централната власт, но и во Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, локалната самоуправа и јавните претпријатија.

Министерот посочи дека проблемот со јавната администрација не треба да се разгледува исклучиво преку вкупниот број вработени, туку и преку начинот на кој кадарот е распореден во институциите.

„Имаме сектори и одделенија во одредени институции каде што имаме превработеност, а имаме одредени одделенија и сектори каде што го немаме потребниот кадар“, рече Минчев.

Токму нерамномерната распределба на вработените, според него, е еден од проблемите што треба да се решаваат во рамки на реформата на јавната администрација.

Како споредба, Минчев ја посочи Словенија, за која рече дека има околу 170.000 вработени во јавниот сектор.

Наместо секоја потреба од кадар автоматски да значи ново вработување, министерот смета дека дел од слободните позиции може да се пополнат со подобро искористување на веќе постојниот човечки потенцијал.

Според него, преку доедукација, дополнителна обука и прераспределба на постојните вработени може да се обезбеди потребниот кадар во институциите и секторите каде што во моментов има недостиг.

Во овој процес, како што посочи Минчев, значајна улога треба да има Академијата за обука и едукација, преку која вработените ќе можат да стекнуваат дополнителни знаења и вештини потребни за други работни позиции.