
Реформите во јавната администрација треба да донесат поголема доверба кај граѓаните и да ги спречат партиските вработувања, а Владата има капацитет и политичка волја да ги спроведе потребните промени, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според Минчев, реформата на јавната администрација не е еднократен потег, туку процес кој постојано треба да се надградува и да дава конкретни резултати.
„Нема никогаш да прифатам став дека немаме капацитет. Капацитет имаме, а оваа Влада од почетокот на мандатот ја докажува и ја спроведува политичката волја, што веќе ги дава и првите резултати. Реформата во јавната администрација е процес кој постојано се движи“, изјави Минчев.
Министерот се осврна и на перцепцијата што граѓаните ја имаат за јавната администрација, оценувајќи дека таа честопати се гради само врз основа на непосредниот контакт со службениците на шалтерите.
„За граѓаните, перцепцијата за јавната администрација најчесто се сведува само на службениците кои работат на шалтерите. Но, зад процесот на носење закони и крајното креирање на услугата стојат голем број административци кои вложуваат многу труд за граѓаните да добијат подобра услуга“, нагласи Минчев.
Тој посочи дека реформите треба да придонесат за професионализација на јавниот сектор, поголема ефикасност на институциите и зголемување на довербата на граѓаните во администрацијата.
Минчев потсети и на законските решенија кои, според него, се клучни за департизација и професионализација на јавната администрација. Меѓу нив ги посочи законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор, како и формирањето Академија за нивна едукација.
Според министерот, овие реформи биле обврска подолг период, но клучните закони не биле донесени во изминатите десет години.

Минчев додаде дека напредокот во реформите на јавната администрација веќе е препознаен и потврден и од Европската комисија.

