
Премиерот Христијан Мицкоски од говорницата на Обединетите нации во Њујорк порача дека Македонија има јасна геополитичка ориентација, посочувајќи ги членството во НАТО, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и полноправното членство во Европската Унија како трите клучни определби на државата.

Во обраќањето на 81. Генерално собрание на ОН, Мицкоски истакна дека овие определби не треба да се гледаат како три одвоени политики, туку како дел од една стратешка насока заснована врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија.
„Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба“, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека во период на глобална неизвесност одговорот на Македонија нема да биде „стратешка двосмисленост“, туку јасна позиција.
Истовремено, премиерот порача дека јасната определба кон сојузниците не значи затворање кон останатиот дел од светот. Според него, држава која е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува и со земји кои имаат различна историја, интереси и политички погледи.
Во завршниот дел од обраќањето, Мицкоски посебно се осврна на прашањата за идентитетот, историјата и суверенитетот.
Тој порача дека Македонија е мала држава, но дека големината на нејзината територија не треба да ја ограничува нејзината амбиција.
„Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека целта е Македонија да биде држава која е „доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите“ и држава која ја знае сопствената историја, но не е заробена во неа.
Според Мицкоски, токму тоа претставува современ суверенитет – не изолација, туку способност државата сама да ја гради својата иднина.
Во говорот премиерот се повика и на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потсетувајќи на неговата порака дека Повелбата на Обединетите нации започнува со зборовите „Ние, народите“, а не „ние, моќните“ или „ние, победниците“.
Мицкоски порача дека токму во тие зборови се наоѓа причината поради која една мала европска држава продолжува да верува во Обединетите нации и во меѓународниот поредок заснован врз правила.
„Алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни, а сите други зависат од нивната добра волја“, истакна премиерот.

Обраќањето се одржа во рамки на генералната дебата на 81. сесија на Генералното собрание на ОН, која се одржува во Њујорк од 22 до 26 септември и продолжува на 28 септември.
