
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја унапредува координацијата со меѓународните партнери за забрзување на енергетската обнова на јавните објекти, намалување на потрошувачката на енергија и поефикасно користење на јавните ресурси.
Во рамки на подготовката на проектот PIONEER-MK, со поддршка на програмата PEEB Cool, во Министерството се реализираше мисија на Француската агенција за развој (AFD), во чии рамки се одржа партнерски состанок со претставници на AFD, Светската банка, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Канцеларијата на Претседателот на Владата.
На состанокот се разгледаа можностите за подобра координација на активностите и унапредување на соработката за спроведување на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите од јавниот сектор на државно ниво, за периодот од ноември 2025 до ноември 2028 година.
Енергетската обнова на јавните објекти е инвестиција во пониски трошоци, помала потрошувачка на енергија и поодржлива јавна инфраструктура. Преку усогласено дејствување на домашните институции и меѓународните партнери се создаваат услови за поефикасно спроведување на мерките за енергетска ефикасност и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Министерството продолжува да ја зајакнува соработката со националните и меѓународните институции, со цел спроведување на реформските приоритети и исполнување на националните и европските цели за енергетска ефикасност и зелена транзиција.

