
Од денес започнува првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија”, иницијатива на Општина Чаир која има за цел да прерасне во традиционална годишна манифестација и еден од најзначајните културни настани во Скопје.
На прес-конференцијата, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со уметничките директорки Инва Мула и Дешира Ахмети-Керлиу, министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, претседателката на Комисијата за култура Саранда Имери Стафаи, директорот на фестивалот Авни Ќаили, директорот на Албанскиот театар Исмет Рамадани и директорот на КИЦ, Имер Реџепи, ги претставија визијата и значењето на фестивалот за културниот живот на градот.
„Нашата цел е Фестивалот ‘Чаршија’ да прерасне во традиционална годишна манифестација и еден од културните настани по кои Скопје ќе биде препознатливо. Во текот на четири вечери, Куршумли ан и Сули ан ќе ги спојат историјата и музиката, пречекувајќи реномирани уметници од земјата и светот,” изјави Меџити.
По прес-конференцијата, учесниците ги посетија Куршумли ан и Сули ан, каде што ќе се одржуваат фестивалските вечери со програма која опфаќа класична музика, опера, фламенко и корчански серенади.
Меџити ги повика граѓаните да бидат дел од Меѓународниот музички фестивал „Чаршија” и заедно да го одбележат почетокот на една нова културна традиција за Чаир и Скопје.
