Skip to main content
Македонија

Меџити до Димитриевски: Ако му пречи албанскиот јазик, нека ја напушти градоначалничката функција

09/11/2026  23:42

Копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, остро му одговори на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, за неговиот став околу можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик. Меџити порача дека, ако на Димитриевски му пречи употребата на албанскиот јазик, тогаш треба да ја напушти градоначалничката функција во двојазично Куманово.

Во дебатната емисија „Verdict“ на МРТ 2, Меџити го обвини Димитриевски дека до неодамна го промовирал граѓанскиот концепт, а сега, според него, застапува ултранационалистички ставови и се заканува со напуштање на Владата.

„Ако му пречи албанскиот јазик, Куманово е двојазично и треба да ја напушти градоначалничката функција. Ако му пречи албанскиот јазик, таблата пред Владата е на македонски и на албански јазик, па тогаш неговите министри не треба да бидат во Владата. Ако му пречи албанскиот јазик, Собранието е двојазично и неговите пратеници не треба да бидат во Собранието. Затоа, ова го гледам како предизборна активност и политички фолклор од негова страна“, изјави Меџити.

Тој рече дека можноста за полагање на правосудниот испит и на албански јазик произлегува од политички договор. Според Меџити, и премиерот го опишал решението како политички договор, со кој за првпат се отвора можност испитот да се полага и на албански.