Skip to main content
Македонија

Македонскиот бизнисмен Никола Андреевски на вечера со американскиот претседател Доналд Трамп

19/10/2026  19:09

Македонскиот бизнисмен Никола Андреевски, по потекло од Велес, кој повеќе од една деценија живее и работи во Соединетите Американски Држави, присуствуваше на вечера во Мар-а-Лаго, Флорида, каде што лично се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп.

Андреевски беше меѓу гостите на вечерата одржана во петокот навечер, а за време на настанот имал можност да се поздрави и да размени неколку зборови со американскиот претседател. Средбата претставува уште еден значаен момент во професионалната кариера на македонскиот претприемач, кој изминатите години изгради успешен бизнис во американската транспортна и логистичка индустрија.

Никола Андреевски е извршен директор на „МДН Фрејт“, транспортна и логистичка компанија со седиште во Чикаго, која работи на американскиот пазар и развива деловна соработка со големи компании.

Неговиот професионален пат започнал од основните сегменти на транспортната индустрија, каде што стекнувал практично искуство и постепено напредувал до раководна позиција. Денес, како извршен директор, е посветен на проширување на капацитетите на компанијата, подобрување на нејзината оперативна ефикасност и воспоставување долгорочни деловни партнерства.

Во јуни годинава, Андреевски се најде меѓу добитниците на признанието „Бизнис елит – 40 под 40“ во Њујорк, кое им се доделува на успешни млади претприемачи и деловни лидери за нивните достигнувања и придонес во индустриите во кои работат.

Покрај ангажманот во транспортниот сектор, Андреевски е и еден од основачите на Американскиот балкански трговски центар, иницијатива чија цел е поврзување на американските и балканските компании, поттикнување инвестиции и создавање нови можности за економска соработка.

Преку оваа иницијатива, тој настојува да придонесе за зајакнување на деловните врски меѓу Соединетите Американски Држави и земјите од Балканот, како и за отворање нови перспективи за компаниите од регионот на американскиот пазар.

Ова не е првпат македонскиот бизнисмен да присуствува на настан во Мар-а-Лаго. Во март годинава тој беше дел од донаторска средба посветена на Џо Мичел, кандидат за американскиот Конгрес од Ајова, на која присуствуваа повеќе влијателни претставници на американскиот политички и деловен живот.

Меѓу присутните беа Том Емер, еден од водечките републиканци во Претставничкиот дом на САД, Џејсон Смит, претседател на Комитетот за начини и средства, како и Ерик Бранстад, син на поранешниот гувернер на Ајова и поранешен американски амбасадор во Кина, Тери Бранстад.

Андреевски присуствувал на слична донаторска средба во Мар-а-Лаго и во мај 2025 година, заедно со други претставници на балканската бизнис-заедница во САД и поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ.

Професионалната приказна на Никола Андреевски претставува пример за успехот на македонските иселеници во Америка. Иако повеќе од десет години живее и работи во САД, тој ја одржува поврзаноста со своите македонски корени, а преку деловните активности и контактите во американските бизнис-кругови настојува да придонесе за посилна економска соработка меѓу САД, Македонија и другите земји од Балканот.