
Денеска со свечено поставување на камен-темелник, компанијата Lidl официјално го означи почетокот на изградбата на својот втор продажен објект во Битола. Додека првиот маркет на компанијата во градот е веќе во финална фаза од изградбата, со овој нов проект Битола станува еден од клучните места во земјава каде што Lidl ќе овозможи современо и модерно шопинг искуство преку повеќе продажни локации.

Оваа инвестиција претставува уште еден значаен и конкретен чекор во реализацијата на долгорочната стратегија на Lidl за развој на сопствена продажна мрежа во Северна Македонија. Преку паралелни инвестиции на повеќе локации ширум земјата, компанијата гради модерна малопродажна и логистичка инфраструктура со цел да ги направи своите производи и услуги лесно достапни за сите потрошувачи.
Во своето обраќање пред присутните, Катарина Зориќ, директорка за недвижности во Lidl Северна Македонија, го истакна бизнис-моделот на компанијата кој се темели на развој на сопствени објекти изградени според највисоките меѓународни стандарди.
„Ние инвестираме во изградба на сопствени објекти, што значи дека секој маркет го градиме од самиот почеток, со примена на строги стандарди за квалитет и внимателно планирање на сите сегменти од неговата реализација. Нашата цел е да создадеме широка и функционална мрежа на маркети, со највисоко ниво на квалитет, енергетска ефикасност и одржливост, како и решенија што нудат пријатна средина за потрошувачите. Веруваме дека нашите потрошувачи треба да имаат и понуда на најквалитетни производи по пристапна цена кои ќе ги купат во објекти каде ќе имаат комотно и пријатно искуство како наши клиенти.“
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, истакна дека вториот маркет на Lidl е значајна инвестиција за градот, која носи придобивки за локалната економија и потрошувачите, но и потврда дека Битола е град во кој компанијата препознава потенцијал.
„Задоволство е што денеска го означуваме официјалниот почеток на изградбата на вашиот, а и нашиот Lidl маркет, втор во Битола. Велам нашиот затоа што верувам дека битолчани со нетрпение очекуваат да се изгради, а потоа и да се отворат вратите на овој препознатлив бренд. Оваа значајна инвестиција ќе биде додадена вредност за битолската економија, ќе придонесе за отворање нови работни места и ќе обезбеди квалитетна понуда за потрошувачите, а воедно ќе отвори можности за партнерства со домашни компании. Ви благодарам што по втор пат ја избравте Битола и со нетрпение очекуваме да ги отворите вратите за сите нас“, изјави Коњановски.
Основни карактеристики на новиот маркет во Битола:
- Современа градежна концепција: Изградба по највисоки стандарди за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на простор од 5 288 м².
- Простран и функционален распоред: Современо уредена продажна сала од 1 546 м² за пријатно искуство при пазарењето.
- Пристапност и паркинг: Обезбедени 108 паркинг места за удобно пазарување на нашите клиенти.
- Зелена површина: Над 20% од парцелата е предвидена за хортикултурно уредување и зеленило.
Како дел од Schwarz Group, еден од водечките европски синџири во малопродажбата на храна, Lidl управува со околу 12.900 маркети во 31 држава и вработува над 395.000 луѓе.

