Skip to main content
Uncategorized

Левица: Во аграрната политика на ДПМНЕ, ризикот е за земјоделецот, а поволностите за помоќниот

22/09/2026  13:00

Соопштение за јавност на Левица:

ДПМНЕ може уште сто пати хистерично да го прогласува македонското земјоделство за препородено и успешна приказна, но покрај фактите на терен, секојдвневните сведоштва и бројките од државната статистика се брутални. Во првиот квартал од 2026 година вредноста на откупот од индивидуалните земјоделски производители се урнала за над 46,2%, а во вториот квартал е уште 15,1% под ланското ниво. На ова сега се надоврзува уште поголем апсурд, односно, во август цените на средствата, услугите и инвестициите што влегуваат во земјоделското производство се за 7% повисоки, додека цените на земјоделскиот аутпут се за над 2% пониски од август 2025. Значи, земјоделецот плаќа повеќе за да произведе, добива полоша цена за произведеното, а вредноста на регистрираниот откуп токму од индивидуалните производители тоне.

Човек произведува за да живее од својот труд, но во аграрната математика на ДПМНЕ земјоделецот е замислен како доброволец, саможртвеник кој треба да вложува пари, труд и ризик од чиста добрина, дури и кога работи со загуба. Со ваква политика наскоро нема да има кого да “поддржуваат”, затоа што земјоделецот е човек што мора да живее од тоа што го произведува.

Случајот со ајварката тотално ги соголи политиките на власта на ДПМНЕ. На 11 август, после протести, на средба со Борче Серафимовски се договори откупна цена од 40 денари за прва класа и 30 денари за индустриска. Само две недели подоцна земјоделците повторно излегоа со трактори и јавно обзнанија дека првата класа им се нуди за 20 денари, а други количини за 18 и 20 денари. Фактични, државата посредува кога треба пред камери да соопшти цена и да “намали револт”, а потоа производителите повторно се на улица затоа што таа цена на терен ја нема. Министерство што умее да договори цена за прес-конференција, а не умее да обезбеди договореното да има тежина на откупен пункт, само ја лаже јавноста и произведува илузија дека некој го штити.

Оттука, интересна е владината дефиниција за слободен пазар. Кога земјоделецот е притиснат меѓу растечки трошоци и откупувач што може да му ја спушти цената додека родот му скапува, тогаш државата нема магично копче со кое ќе ја пропише секоја цена. Но, кога на винарските визби им е потребна ликвидност, државниот инструментариум одеднаш е многу конкретен и експресен – преку Развојната банка им предвидуваат кредитна линија од околу 12,9 милиони евра. А на барање на винарниците, Серафимовски најави дури и грејс-периодот да се продолжи од 3 на 18 месеци, потоа уште 18 месеци отплата и фиксна камата од 1%. 
Односно, државата смее да интервенира за да ја заштити олигархијата и да помогне во финансиска стабилност на помоќниот, но кога доаѓа ред за земјоделците, однеднаш државата е со врзани раце и ненадлежна со одврзана уста да повторува за логиката на слободниот пазар.

Така ДПМНЕ го сфаќа овој суштински и стратешки домен – најголемиот ризик да му е оставен на најслабиот во синџирот. Земјоделецот однапред го плаќа расадот, горивото, ѓубривото, водата, заштитата и работната рака. Тој го презема невремето, болестите и пропаднатата реколта, а кога производот ќе стаса, нема луксуз да го чува бесконечно додека не се појави подобра цена. Купувачот располага со капитал, магацин, преработувачки капацитет и време, а сега гледаме дека располага и со огромна поддршка од владата на ДПМНЕ, па и со државно поддржана ликвидност под исклучително поволни услови. 
Практично, имаме систем во кој оној што произведува е принуден да продава, а оној што купува има слободен простор да диктира, додека власта се однесува како падната од Марс. И додека таа нерамнотежа останува недопрена, “успесите” на ДПМНЕ ќе подразбираат дека земјоделецот со сопствениот труд треба да го субвенционира туѓиот профит, а ДПМНЕ, за возврат, на земјоделецот ќе му објаснува дека така функционира економијата и пазарот.