Skip to main content
Македонија

Левица: ДПМНЕ ја изгласа сопругата на функционерот Роберт Вељановски во Советот за граѓански надзор

22/11/2026  11:49

Соопштение на Левица:

Предупредувавме дека власта се обидува да ги постави своите луѓе на позициите од кои треба да се контролира работата на безбедносните служби. Сега тоа и официјално го потврди со скандалозно собраниско гласање. Петмина други кандидати со образование од правните и безбедносните науки не ја добија поддршката на надлежната собраниска комисија, додека предност добија кандидати без соодветен стручен профил за оваа исклучително чувствителна функција.

Советот за граѓански надзор треба да биде независна институционална брана против незаконското следење на комуникациите и злоупотребата на безбедносните служби. Неговата задача е да контролира дали државата незаконски навлегува во приватноста на граѓаните, а не да биде продолжена рака на власта. Кога ДПМНЕ поставува партиски и семејно поврзани кадри во ова тело, независноста на надзорот ИСЧЕЗНУВА.

Кој ќе ја контролира власта кога ќе одлучи чии комуникации ќе се следат? Кој ќе ги заштити граѓаните од политички мотивирано прислушување ако надзорниот механизам е исполнет со кадри блиски до истата таа власт?

Во држава со историја на масовно прислушување, ваквото партиско и семејно поврзано назначување е директен удар врз демократијата и врз довербата во механизмите што треба да ги штитат граѓанските слободи. ДПМНЕ не се обидува само да ги контролира институциите – се обидува да ја отстрани контролата врз сопствената моќ да ги следи граѓаните и политичките неистомисленици.