
Соопштение на Левица:

На денешната прес-конференција, Мицкоски повторно ја промовираше својата демографска „стратегија” – многудетни семејства и „семејни вредности”, бидејќи, според него, без нив македонската економија ќе мора да се потпира на огромен број странски работници. Притоа, како пример ја посочи Западна Европа, каде што, според него, за одржување на економската активност секоја година се потребни стотици илјади, па и милиони работни дозволи за мигранти.
Не сме сигурни што точно мисли Мицкоски под неговата „поддршка” за многудетните семејства, но сакаме да го потсетиме дека овој месец сè уште не е исплатен додатокот за трето дете. Родителите со недели чекаат на средствата, без одговор од Центрите за социјална работа и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Да го потсетиме Мицкоски и дека породилниот надоместок доцни секој месец, па жените кои веќе родиле и се грижат за своите деца треба да се снаоѓаат како знаат и умеат. Да го потсетиме и дека Синдикалната минимална кошница во октомври достигна над 70.000 денари, од кои дури 26.000 илјади денари се потребни само за храна и пијалаци за едно четиричлено семејство. Во исто време, во Скопје цената на станбениот квадрат достигнува и до 3.000 евра, додека над 300.000 станбени единици во Македонија се празни.
Во второто тримесечје од 2026 година во Македонија имало 90.000 невработени лица, односно стапка на невработеност од 11%. Истовремено, дури 101.000 лица работеле неформално, без регулиран работен однос, а бројот на неформално вработените пораснал за над 7%. Значи, Мицкоски зборува за тоа кој ќе работи во Македонија за 15 или 20 години, а денес има десетици илјади невработени и над сто илјади луѓе кои работат во сивата зона.
И на крај, да го потсетиме Мицкоски дека луѓето не „му се смеат” затоа што зборува за семејни вредности. Луѓето му се смеат затоа што Владата се однесува како државата да нема никаква обврска да им создаде услови за живот во кои едно семејство може достоинствено да постои.
Проблемот не е што Мицкоски е особено смешен, туку што со овие плати, со оваа цена на храната, со недостапното домување, со доцнењето на социјалната помош и со несигурната работа – народот не гледа иднина. И затоа народот бега надвор.

