
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, денеска во име на Партијата ќе учествува на јавната трибина на платформата „12:05″ – „Што по 35 години?”, посветена на политичкиот систем, наследството од изминатите три и пол децении и прашањето што следува понатаму, информираа од Левица.

Оттаму додаваат дека, како што велат, Левица денес е консолидирана парламентарна сила со сопствен политички капацитет, јасно препознатлив левичарски идентитет и носител на опозицискиот простор.
„Оттука, нашите позиции неминовно се дел од секоја расправа за тоа како треба да изгледа следната политичка фаза во државата.
Во услови кога досегашниот модел очигледно ги покажа своите слабости, Левица влегува во ваквите разговори со тежина стекната преку сопствено политичко делување, опозициска активност и континуирано присуство во јавните конфликти со власта. Дебатите за идниот политички правец на Македонија неминовно ја вклучува и позицијата што Левица ја застапува.
Како што најавивме и претходно, ова е дел од разговорите коишто Левица ги води и ќе продолжи да ги води со различни опозициски и општествени чинители, од позиција на сопствен политички интегритет и стекнат легитимитет“ се наведува во соопштението на Левица.
