
На 7 мај 2025 година (среда) во 10 часот, на детската сцена при Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се одигра јубилејната, 250-та изведба на претставата „Лакомата меца“, куклена претстава за деца од 4+ години, во режија на Дарин Петков, според текстот на познатиот бугарски автор Ран Босилек.
Премиерно изведена на 11 февруари 2001 година, претставата „Лакомата меца“ повеќе од две децении ја задржува својата свежина и важност, едуцирајќи и забавувајќи генерации деца низ хумористичен пристап кон темата за културата на јадење и правилното однесување на маса.
Преку интеракција со публиката, малите гледачи се дел од приказната и добиваат можност да ѝ помогнат на симпатичната, но лакома Меца да ја научи својата лекција за умереност и внимание.
Во претставата играат Ана Левајковиќ Бошков, Катарина Илиевска Силјановска и Владимир Лазовски, кој во 2001 година беше добитник на актерска награда на Меѓународниот куклен фестивал на мали форми во Крагуевац, Србија. Во улогите на Лазовски алтернативно настапува и Мартин Јорданоски.
Сценографијата е дело на Љубомир Чадиковски, куклите ги изработи Иван Цонев, музиката ја компонираше Љупчо Мирковски, а преводот е на Татјана Островска.
Јубилејната изведба е посветена на сите оние кои веруваат во моќта на театарот да едуцира, да инспирира и да остава траен белег во детските срца.