Skip to main content
Македонија

КСЗД препорачува доследна примена на законската заштита на жените за време на бременост, раѓање и мајчинство

23/04/2026  11:39

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на работодавачите од јавниот и од приватниот сектор им препорачува да обезбедат доследна примена на законската заштита на работничките за време на бременост, раѓање и мајчинство и да се воздржат од практики што доведуваат до нивен нееднаков или понеповолен третман при бременост, раѓање и мајчинство во остварувањето на правата од работен однос.

Општата препорака донесена од КСЗД, како што појаснуваат од таму, произлегла од фактот што во повеќе предмети Комисијата утврдила директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол и род во врска со бременост, раѓање и мајчинство во областа на работата и работните односи.

– Поаѓајќи од уставната гаранција на правото на работа и социјална сигурност, уставната гаранција на посебната заштита на мајчинството, децата и семејството, како и посебната заштита на жените при работа, во согласност со домашото законодавство, како и меѓународната легислатива на Организацијата на Обединетите нации, Меѓународната организација на трудот и правото на Европската Унија, а имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба во предметите поврзани со дискриминација по основ на бременост, раѓање и мајчинство во работните односи, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација врз основа на член 28 од Законот за спречувањето и заштитата од дискриминација упатува општа препорака за заштита од дискриминација на жените поради бременост, раѓање и мајчинство во работните односи, се наведува во документот.

Во документот се додава дека во пракса жените работнички, особено оние што се вработени со договори за работа на определено време, се ставени во понеповолна положба во однос на други работници и работнички.

Ова, пред сè, се додава во препораката поради поставеноста на правната рамка, која ги уредува договорите за вработување на определено време во согласност со што не постои нормативно, а со тоа и практично ограничување на нивната употреба од страна на работодавачите.

– Законот за работните односи определува дека договорите за вработување на определено време се одредени од објективен услов, а не од постоење објективна причина за нивно склучување. Во согласност со ЗРО, судбината на овие договори, односно нивното времетраење е поврзано со доаѓање одреден датум, со појава на одреден настан или со завршување одредена задача, без притоа да утврди посебни ситуации или причини за тоа кога ваквите договори би требало и би можело да бидат склучени. Со тоа, во пракса, ваквите договори законот ги поставил како правило, а не како исклучок. Следствено, работодавачите немаат практично ограничување за тоа каков вид работен однос би засновале, односно каков вид договор за вработување би склучиле со работниците, а од договорите за вработување на определено време значително најзастапени се оние што се поврзани со истек на време, односно со доаѓањето одреден датум – се вели во препораката.

И покрај фактот што работниот однос е договорен однос, наведуваат од Комисијата, сепак треба да се има предвид дека тој во суштина е субординиран однос, во кој работникот е во подредена економска положба во однос на работодавачот, па најчесто економските причини се тие што влијаат на изборот и волјата на работникот да склучи, односно да се согласи на договор за вработување на определено време.

Работниците, се вели во препораката, особено работничките што волно склучиле договор за вработување на определено време, се во неизвесна положба во поглед на планирањето на семејниот живот и се во понеповолна положба во поглед на можноста од остварување права поврзани со бременоста, раѓањето, мајчинството,

– Од тука, во услови кога работничката ќе забремени, работодавачите, по истекувањето на договорот за вработување на определено време, не се одлучуваат повторно да засноваат работен однос со работничката, односно да ѝ понудат анекс на договорот, дури и во ситуации кога околностите биле извесни или упатувале на продолжување, односно повторно засновање на работниот однос или кога претходно веќе постоела пракса на склучување последователни анекси на договорите, а воедно деловната потреба за работник/чка на тоа конкретно работно место не престанала – нагласува Комисијата.

Во овие случаи, се додава во препораката, волјата и постапувањето на работодавачите повторно, односно последователно да не засноваат работен однос со работничката, се заснова исклучително на околноста поврзана со бременоста, рагањето и мајчинството, а таквото постапување за Комисијата претставува директна или интерсекциска дискриминација врз основа на пол и род, во врска со бременост, раѓање и мајчинство.

Од друга страна, пак, се додава, меѓу другото во општата препорака на КСЗД, другите механизми за заштита пропуштаат да го препознаат фактичкото дејствување на работодавачот како дискриминаторско дејство, односно како дискриминација во вработувањето и пристапот до работа, не нудејќи соодветна заштита за оваа категорија работнички. Ова вклучува и непрепознавање на судската заштита според законот и спречување и заштита од дискриминација, односно тужба за дискриминација како можност.