
Општинската организација на СДСМ Карпош преку објава на социјалните мрежи му даде јавна поддршка на поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, обвинувајќи ја актуелната локална власт дека се обидува да профитира од неговите проекти, додека истовремено води политичка пресметка против него.
Од СДСМ Карпош посочуваат дека денеска претставниците на локалната власт се пофалиле со проектот за покриениот базен во спортската сала „Партизан“, кој, според нив, е проект започнат и реализиран во времето на Богоев.
„Денес со проектот на Стефан Богоев за покриениот базен во салата Партизан во Карпош се китевте со неговите перја“, наведуваат од СДСМ Карпош.
Во објавата тие оценуваат дека актуелното раководство во Општината не успева да се справи со ветените обврски со кои дошло на власт и дека разочарувањето расте и кај сопственото членство и кај граѓаните на Карпош.
Според нив, наместо да понуди резултати, локалната власт се обидува преку политички напади и дефокусирање на јавноста да го прикрие незадоволството поврзано со повлекувањето на градоначалникот.
„Борба со опозиција не се прави на кукавички начин од страна на моќ. Борете се ферски, а не илеџиски во Карпош. Не ја потценувајте интелигенцијата на карпошани“, порачуваат од СДСМ Карпош.
На крајот од објавата тие му испратија порака на поддршка на Стефан Богоев, истакнувајќи дека остануваат на негова страна во политичката борба. „Стефан Богоев, другар, со тебе сме“, стои во пораката на СДСМ Карпош.


