
Од 1 октомври нови правила за избор на директори: Крај за долгогодишните в.д. мандати

Со новиот Закон за висока раководна служба се прави еден од најголемите реформски чекори кон департизација и професионализација на јавната администрација, истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Новото законско решение, кое стапува во сила од 1 октомври, ќе опфати околу 100 институции и ќе го уредува начинот и постапката за избор на директори, нивни заменици, како и членови на управни и надзорни одбори.
Една од најзначајните промени е воведувањето построги критериуми при изборот на раководните кадри. Изборот на новите раководители ќе го спроведува посебна комисија составена од искусни државни службеници.
Кандидатите ќе минуваат низ повеќе фази, почнувајќи од аплицирање, преку електронски тестови, па сè до финално интервју. Целата постапка ќе се спроведува според однапред утврдени и строго дефинирани правила.
Промени се предвидуваат и кај управните одбори. Нивниот број ќе биде значително ограничен, односно управните одбори ќе можат да имаат најмногу три члена.
Со законот се предвидува и крај на практиката институциите со години да бидат раководени од вршители на должност.
Според новите правила, в.д. директор ќе може да има само еден мандат во траење од најмногу шест месеци. Овој период треба да служи за обезбедување континуитет во функционирањето на институцијата, а по неговото истекување задолжително ќе треба да биде распишан јавен оглас за избор и именување раководител.
Минчев посочи дека реформата се реализира и пред првично предвидените рокови. Иако рокот за примена бил до крајот на декември, законот бил донесен кон крајот на јуни, додека потребните уредби и подзаконски акти веќе се усвоени на владина седница.
Според министерот, законското решение било подготвено во транспарентна постапка во која учествувале невладини организации, експерти и Центарот за управување со промени, со поддршка од Британската амбасада.
Планот е до крајот на годината околу 90 проценти од раководните позиции да бидат пополнети согласно новите правила.
Минчев истакна дека реализацијата на реформата дополнително треба да овозможи исполнување на обврските од реформската агенда и повлекување на предвидените финансиски средства од Европската комисија.

