Skip to main content
Македонија

Каранфилова Пановска: Тошковски мора да сноси одговорност за серијата трагични случаи во изминатите 15 месеци

18/09/2025  08:44

Двојното убиството во Велес е уште еден во низата трагични случаи во изминативе 15 месеци, а кои се доказ дека институциите на ВМРО-ДПМНЕ не успеваат да се справат со ситуацијата, не успеваат да го стават системот во функција да тој може да превенира и да ги штити граѓаните и за тоа мора да има одговорност, посочи заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во емисијата 24 Анализа на телевизијата 24. Каранфилова-Пановска порача дека овие настани го оправдуваат барањето на СДСМ за политичка одговорност на министерот за внатрешни работи Тошковски.

Во однос на убиството на младата девојка од Велес, Каранфилова-Пановска посочи дека Центарот за социјални работи и Подрачната единица на МВР во Велес имаат обврска да прават анализа и да предвидуваат ризици, ако веќе било познато дека жртвата неколку пати пријавувала насилство.

„Трагичниот настан со фемицидот во Велес и практично двојното убиство покажува една историја на насилство кое не било санкционирано од институциите. Подрачната единица на МВР во Велес, со оглед на тоа дека жртвата повеќепати пријавувала дека е жртва на насилство од нејзиниот поранешен партнер, не презела сериозни мерки, за да истото го спречи. Затоа бараме политичка одговорност од министерот Тошковски, бараме независна истрага и кривична одговорност од сите полициски службеници и сите други службеници во Центарот за социјални работи кои што заради непостапување довеле до тоа младата девојка да биде брутално убиена иако за тоа имало сигнали”, рече Каранфилова-Пановска.

Во дебатата таа посочи дека во време на владата на СДСМ се водеше сериозна сметка за родово-базираното насилство. 

„Фемицидот стана дел од Кривичниот законик како кривично дело, кое што точно одредува што и како треба да се прави за да тоа не се случува. Родово-базираното насилство беше третирано и од аспект на тоа како да се обезбеди заштита на жртвите и преку МТСП и преку шелтер-центри – сè што денеска гледаме дека не се случува. Нема еден денар во Министерството за труд и социјална политика кој што е наменет за шелтер-центрите”, рече Каранфилова-Пановска.