Skip to main content
Скопје

Камениот Мост блесна во ново светло – нов ноќен лик на симболот на Скопје

28/09/2026  12:03

Камениот Мост во центарот на Скопје блесна со ново ноќно осветлување, добивајќи целосно поинаков изглед во вечерните часови.

Еден од најпрепознатливите симболи на главниот град сега е осветлен на начин што ги истакнува неговите камени сводови, архитектонските детали и историската вредност. Новото осветлување го нагласува препознатливиот лик на мостот и му дава нов визуелен печат на центарот на Скопје.

Проектот претходно го најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој информираше дека се реализира во соработка со општина Есенлер од Република Турција.

Од Град Скопје при најавувањето на проектот посочија дека осветлувањето на Камениот Мост со години било во лоша состојба. На одредени делови, според нив, останале само каблите од украдените светилки, поради што еден од главните градски симболи во вечерните часови бил недоволно осветлен.

Поради санацијата и поставувањето на новото осветлување, мостот во изминатиот период беше затворен за движење на пешаци.

Камениот Мост претставува една од најзначајните и најфреквентните пешачки врски во централното градско подрачје, поврзувајќи ги плоштадот „Македонија“ и Старата скопска чаршија.