
Пливањето важи за една од најкомплетните физички активности, но неговите придобивки не завршуваат со зајакнување на мускулите и подобрување на кондицијата. Истражувањата покажуваат дека редовното пливање може позитивно да влијае и врз функцијата на мозокот, меморијата, концентрацијата и расположението.
Секое движење во водата започнува во мозокот. Без разлика дали пливаме краул, градно или грбно, мозокот постојано обработува информации од телото и ги координира рацете, нозете и дишењето. Ова е особено сложено бидејќи во водата нема цврста површина на која телото може да се потпре.
Невробиологот Мартин Корте од Техничкиот универзитет во Брауншвајг објаснува дека физичката активност и зголемениот проток на крв се поврзуваат со создавањето BDNF – протеин важен за нервните клетки и создавањето нови нервни врски.
Редовната физичка активност позитивно влијае и врз хипокампусот, делот од мозокот кој има важна улога во учењето и меморијата.
Придобивките се и психолошки. Пливањето може да помогне во намалувањето на стресот и подобрувањето на расположението, додека фокусирањето на ритамот на движењата и дишењето може да го насочи вниманието подалеку од негативните мисли.
Корте препорачува три до четири пливачки тренинзи неделно во траење од околу 20 минути за позитивно влијание врз мозокот.
Пливањето истовремено активира голем број мускулни групи, ја подобрува кондицијата и претставува активност која може да се практикува на различни возрасти. Лицата со срцеви или други здравствени проблеми, сепак, треба да се консултираат со лекар пред започнување поинтензивна физичка активност.

