
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон оствари средба со американскиот конгресмен Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во рамките на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

Во фокусот на разговорите било стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, заедничките интереси на двете земји, како и можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка.
Мицкоски за средбата информираше преку објава на социјалните мрежи.
„Денеска остварив средба со Congressman Keith Self, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД. На средбата разговаравме за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од значење за нашите две држави“, објави Мицкоски.
Средбата е дел од работната посета на премиерот и владината делегација на Соединетите Американски Држави. За време на престојот во Вашингтон беа најавени средби со претставници на американскиот Сенат, Конгресот и Стејт департментот, како и разговори со американската Развојна финансиска корпорација – DFC.
Мицкоски претходно најави дека една од целите на посетата е зајакнување на политичките и економските односи со Вашингтон, како и претставување на можностите за американски инвестиции во Македонија, особено во енергетиката и напредните технологии.
Средбата со Селф е дел од активностите насочени кон продолжување и унапредување на соработката меѓу Македонија и САД и зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.


