
Поранешниот косовски претседател и еден од некогашните водачи на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, е осуден на 25 години затвор за воени злосторства извршени за време и непосредно по војната во Косово.
Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг го прогласија Тачи за виновен по четири точки од обвинението – за убиства, тортура, сурово постапување и незаконско лишување од слобода. Станува збор за првостепена пресуда, на која одбраната може да поднесе жалба.
Според Ројтерс, судот утврдил дека Тачи сноси одговорност за убиствата на 96 луѓе, меѓу кои имало политички противници и лица што биле осомничени дека соработувале со српските власти.
Тачи од почетокот ги отфрлаше обвинувањата и се изјасни за невин. Неговата одбрана бараше ослободителна пресуда, додека обвинителството претходно предложи казна од 45 години затвор.
Во истиот судски предмет беа опфатени и поранешните функционери на ОВК Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Обвинителството тврдеше дека тие биле дел од структура која ги прогонувала политичките противници, како и цивилите означени како соработници или предавници. Сите обвинети ги негираа обвинувањата, објави Асошиејтед прес.
Судскиот процес започна на 3 април 2023 година. Во постапката учествуваа 156 лица со статус на жртви, а обвиненијата се однесуваа на настани во Косово и во делови од Албанија во периодот од март 1998 до септември 1999 година, покажуваат податоците на Специјализираните совети на Косово.
Тачи поднесе оставка од функцијата претседател на Косово во ноември 2020 година, откако обвинението против него беше потврдено. Оттогаш се наоѓа во притвор во Хаг.
За многу косовски Албанци, Тачи и поранешните команданти на ОВК се личности заслужни за ослободувањето на Косово, додека судењето во Хаг со години предизвикуваше протести и политички тензии. Судот, пак, беше формиран токму поради сомнежите дека во Косово не може да се обезбеди доволна заштита на сведоците.

Покрај овој предмет, Тачи се соочува и со одделна постапка поврзана со наводно влијание и заплашување сведоци.

