
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес учествуваше на 29. Конференција на началниците на Генералштабовите на Вооружените сили од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), која се одржува во Задар, Република Хрватска.
На денешната конференција, чиј домаќин е началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Хрватска, генерал-потполковник Тихомир Кундид, се дискутираше на темата „Остварување на регионалните придобивки”.
Генералот Лафчиски, во своето обраќање на работните тематски сесии на конференцијата, го истакна значењето на хуманитарната помош и помошта при катастрофи и подобрување на соработката, која се развива во рамките на А-5 иницијативата, борбата против транснационалниот организиран криминал и градење заеднички регионален одговор, како и важноста на воената мобилност и инвестиции во инфраструктура со двојна намена.
По завршување на конференцијата потпишана е заедничка изјава со која се потврдува заложбата за натамошно зајакнување и продлабочување на одбранбените способности, како и проширување на воената соработка со цел унапредување на регионалната безбедност.
Во рамките на програмата, генералот Лафчиски оствари средба со врховниот командант на Сојузничките сили во Европа (SACEUR) воедно и командант на европската команда на САД за Европа (EUCOM), генералот Алексус Гринкевич и со заменик-командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол, генерал-потполковник Питер Скот. Дополнително, генералот Лафчиски оствари и билатерални средби со дел од началниците на Генералштабовите од земјите членки на А-5 и со командантот на Националната гарда на Вермонт генерал-мајор Хенри Хардер.
Како набљудувачи на конференцијата присуствуваа воени претставници од Генералштабовите на Вооружените сили на Словенија и од Косовските безбедносни сили, а во улога на гости беа командантите на Националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите членки од А-5.
Ден претходно се одржа конференција на главните подофицери на Вооружените сили на земјите членки на А-5.

Во изминатите години, А-5 се афирмираше како значајна регионална рамка за продлабочување на одбранбената соработка, зајакнување на меѓусебната доверба и унапредување на заедничките безбедносни интереси.

