
Во моментот се прави проект за реконструкција на покривот на ОУ „Наум Наумовски-Борче“ во Гази Баба. За децата ќе нема проблем да влезат на часови затоа што има плоча и училниците се обезбедени – рече министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање во врска со загриженоста на родителите на децата од ова училиште во населбата Маџари, чиј покрив беше откорнат во невремето од 21 јули.
Како што рече, родителите не треба да бидат загрижени, а нов покрив училиштето ќе има во текот на учебната година.
– Ги информираме родителите, тие не треба да бидат загрижени, проверено е, инженерите беа на самото место, плоча има. Покривот ќе се направи во текот на учебната година, децата непречено ќе учат – додаде министерката.
На новинарско прашање дека на првачиња Албанци од Чаир не им се дозволува запишување во ОУ „Петар Здравковски-Пенко“, кое припаѓа на општина Бутел, а граничи со Чаир, министерката Јаневска одговори дека е запозната со проблемот и дека треба да се почитува реонизацијата нагласувајќи дека тоа важи за сите ученици, без разлика на нивната етничка припадност.
– Не станува збор само за ученици Албанци. Станува збор за ученици Албанци и ученици Македонци. Градоначалниците, директорите на училиштата, неопходно е да го почитуваат законот и ред мора да се воспостави. Затоа е измислена реонизацијата. Тоа се две општини – едната е општина Чаир, другата е општина Бутел. Децата од општина Чаир – Македонци, Албанци, Турци, што и да се, треба да учат во општина Чаир, а децата што и да се – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, треба да учат во општина Бутел, таму каде што припаѓаат – рече Јаневска.
За оние деца чии постари браќа и сестри веќе учат во училиштето „Пенко“, зашто во минатото бил дозволен упис, Јаневска рече дека лично смета оти може да се направи исклучок, но нагласи „ова е, сепак, нешто што треба да го решат градоначалниците зашто Министерството тука нема ингеренции“.
– Со Законот за децентрализацијата училиштата се децентрализирани и се во надлежност на општините. Но, секако, како Министерство се грижиме за добросостојбата на децата и препорачувам, како и секогаш досега, дека најмалку проблеми има тогаш кога се почитуваат законите. Оттука, апелирам до сите да си го почитуваат законот, да си ја почитуваат реонизацијата – додаде Јаневска.
Со оптимизација на училишната мрежа наставниците што немаат полн фонд на часови ќе работат или во дневен престој или како образовни асистенти. Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска посочи дека добиле само неколку барања од наставници што се согласни да станат образовни асистенти (т.е. да работат со ученици со посебни образовни потреби) и дека тоа им е овозможено.
– Најголемиот број од наставниците што немаат полн фонд на часови ќе одат во престој затоа што се залагаме за подолг престој на учениците во училиштата. Таму каде што биле класични паралелките, сега ќе им овозможиме да продолжат во настава што ќе трае цел ден. Некаде ќе биде целодневна, некаде ќе биде престој, за тоа ќе одлучат самите училишта – рече министерката.
Во врска со превозот на ученици, кои поради затворање подрачни училишта, ќе треба да посетуваат настава во поголемо (централно) училиште, Јаневска одговори дека тоа е обврска на општините зашто МОН не обезбедува превоз.
– Децата ќе учат во најблиското училиште, доколку се над 2,5 километри, општините ќе им обезбедат превоз. Тоа им е загарантирано право – бесплатниот превоз, така што тука нема да имаме проблем – посочи Јаневска.


