
На Македонија ѝ е потребен нов општествен договор кој ќе биде основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени, порачаа денеска од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, по одржувањето на втората трибина посветена на 35 години од независноста на државата.
Игор Ивановски од Платформата по завршувањето на трибината повтори дека на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ќе му биде доставен план за отворање, консолидација, стабилизација и структурни промени во партијата.
На денешната трибина учествуваше и пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ. Ивановски истакна дека меѓу Платформата и Левица постојат политички разлики, но дека, според него, постои простор за соработка околу создавањето поширок опозициски фронт.
„Ние со Левица имаме разлики и тоа воопшто не е спорно, но она за што немаме разлики е тоа што сакаме да креираме реален, вистински одржлив опозициски фронт којшто ќе има заедничка задача, а тоа е да ја порази оваа влада, оваа власт којашто генерира погрешни и лоши политики и едноставно да го артикулира опозициското, сè повеќе растечко расположение во државата“, истакна Ивановски.
Од Платформата тврдат дека поддршката за нивните иницијативи меѓу членството на СДСМ, но и пошироко меѓу граѓаните, расте. Ивановски оцени дека тоа дополнително ја покажува потребата од структурни промени во најголемата опозициска партија.
Тој најави дека конкретниот план ќе му биде доставен на Филипче и дека од реакцијата на актуелното раководство ќе зависат следните чекори на Платформата.
„Нашиот план за отворање, консолидација, стабилизација и структурни промени во СДСМ ќе му го доставиме. Од него зависи колку побрзо ќе се започне овој процес на вистински промени во СДСМ, за СДСМ на следните избори, со опозицискиот фронт, да биде во кондиција да ја порази оваа власт“, рече Ивановски.
Тој изнесе и остра оценка за актуелното раководство на СДСМ, тврдејќи дека Филипче и луѓето околу него со своето однесување станале „фракција“ во партијата.
„Ние ќе ги искористиме сите механизми. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ. Членството е на наша страна во огромно мнозинство. Тие се фракција и во таа смисла мора да се најдат решенија“, изјави Ивановски.
Мециновиќ, пак, пред медиумите објасни зошто Левица ја прифатила поканата за учество на настан организиран од Платформата, во која учествуваат актуелни и поранешни функционери на СДСМ.
Според него, Левица како опозициска партија има одговорност да разговара со различни опозициски чинители и да бара точки околу кои може да се постигне заеднички јазик.
„Сметам дека за нас како Левица времето е созреано да продолжиме да разговараме со сите опозициски елементи во општеството, да се обидеме да пронајдеме заеднички јазик затоа што сметаме дека сега е време да се направи рез“, рече Мециновиќ.
Осврнувајќи се на темата на трибината и 35-годишнината од независноста, тој порача дека фокусот, покрај анализата на изминатите три и пол децении, треба да биде и на тоа како ќе изгледа иднината на државата.
„Како претставници на една нова политичка генерација, нас нè интересираат и наредните 35 години. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас“, рече Мециновиќ.
Тој додаде дека, според неговиот став, потребна е промена на досегашниот начин на водење на државата, нагласувајќи дека Левица ќе продолжи да ги застапува своите позиции во однос на работничките права и економските политики.
Денешната трибина на „Разговори за иднината во 12:05“ доаѓа во период на отворени несогласувања меѓу Платформата и актуелното раководство на СДСМ. Претставниците на иницијативата претходно соопштија дека немаат намера да формираат нова политичка партија, туку бараат структурни промени во СДСМ и пошироко окрупнување на опозицискиот простор.



