
Најмалку 16 млади момчиња од Македонија досега биле идентификувани како лица кои заминале во Србија и биле вовлечени во активности на организирани криминални групи, објави емисијата „КОД“.
Според истражувањето, најголем дел од нив се млади до 21-годишна возраст, а меѓу регрутираните имало и постари малолетници кои по заминувањето во Србија наполниле 18 години.
Пошироката бројка на досега идентификувани млади Македонци кои на различен начин биле поврзани со ваквите криминални структури, според информациите објавени во емисијата, се движи меѓу 16 и 20 лица. Регрутирањето особено се засилило во текот на 2024 година.
Младите најчесто потекнувале од скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Ѓорче Петров, Карпош и Драчево. Дел од нив претходно имале проблеми со законот или биле поврзувани со продажба на дрога, додека меѓу регрутираните имало и млади од згрижувачки семејства, домови и дисфункционални или разведени семејства.
Според „КОД“, регрутацијата се одвивала и преку лица од Македонија поврзани со криминалното милје. На младите им била нудена „работа“ во Србија, со ветувања за големи суми пари, скап ноќен живот и можност за напредување во криминалната хиерархија.
По прифаќањето на понудата следувало заминување во Србија. Во прилогот се тврди дека во случаи кога некои од младите биле барани од македонските власти, за нивното префрлање биле користени лажни документи или илегални премини преку границата.
По пристигнувањето, според истражувањето, дел од нив добивале посебни уреди за комуникација и пристап до затворени канали преку кои им биле испраќани задачи.
Но, ветувањата за брзи пари и лесен живот, според „КОД“, за дел од младите се претворале во ситуација од која тешко можеле да излезат. Во емисијата се наведува дека на некои им биле одземани личните документи, а напуштањето на криминалните структури било исклучително тешко.
Истражувањето предупредува дека младите кои влегуваат во ваквите структури не се само извршители на криминални активности, туку во многу случаи и самите стануваат жртви на криминалните групи што ги регрутирале.


