
Група од 120 британски милионери, меѓу кои поранешниот фудбалер Гери Линекер и музичкиот продуцент Брајан Ино, во отворено писмо до новиот британски премиер Енди Барнам побараа да бидат повисоко оданочени, истакнувајќи дека најбогатите треба да придонесуваат повеќе за финансирање на јавните услуги.
Во писмото, организирано од движењето „Патриотски милионери“, се наведува дека потписниците можат да плаќаат повисоки даноци.
„Не зборуваме за повисоки даноци за луѓето кои секојдневно одат на работа, туку за најбогатите, чии приходи произлегуваат од богатството што го поседуваат“ – се наведува во писмото, кое денеска го пренесе Би-Би-Си.
Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденок, изјави дека е „повеќе од добредојдено“ Линекер да плаќа повисок данок, додавајќи дека „може да напише чек до државната благајна, никој не го спречува“.
„Патриотски милионери“ се залагаат за воведување данок од два проценти на богатство поголемо од 10 милиони фунти.
„Милионерите се патриотска група. Ја сакаме оваа земја и сакаме да напредува. Но, успехот бара инвестиции, а главниот извор на неискористен капитал е кај нас – во неоданочениот потенцијал“ – се наведува во писмото.
Би-Би-Си потсетува дека и претходно во Велика Британија имало слични кампањи за повисоко оданочување на богатите.
Барнам не ја исклучи можноста за воведување данок за богатите кога, неколку дена пред изборот за премиер, Линекер го праша за ова прашање. Тој само навести дека во одреден момент можеби ќе биде неопходно да се побара „малку повеќе данок“.
Во писмото се наведува дека постои „потреба да се прифати нов вид децентрализација на богатството и моќта од најбогатите, за тие средства повторно да се инвестираат“.
Се додава дека, според нивната анкета, мнозинството милионери се изјасниле дека сакаат да плаќаат повисоки даноци.
„Остана мал број луѓе со застарен економски начин на размислување, кои сакаат да го зачуваат секој можен денар… Оние што не гледаат подалеку од сопствениот интерес немаат место во обликувањето на идната Британија“ – се наведува во писмото.
Велика Британија нема единствена даночна стапка за милионери ниту сеопфатен данок на богатство. Наместо тоа, милионерите се оданочуваат според изворот на приходите – како што се плати, дивиденди или капитални добивки – а не според нивната вкупна нето-вредност.
Бидејќи голем дел од нивното богатство потекнува од капитални добивки или дивиденди, а не од плати, нивната ефективна даночна стапка понекогаш е значително пониска од номиналната.
Финансиските организации и политичките институции повеќепати предлагаа воведување посебен годишен данок на богатството, како што е данок од два проценти на богатство над 10 или 100 милиони фунти, но ниту една таква иницијатива досега не е спроведена.
Приходите од работа над 125.140 фунти се оданочуваат со највисока стапка од 45 проценти.
Капиталната добивка од продажба на инвестиции или имот се оданочува со стапка до 24 проценти за даночните обврзници во повисоките даночни категории.
Во Велика Британија постојат и посебни даночни стапки за дивиденди, кои зависат од вкупниот даночен разред на поединецот.

