
Преку писмо упатено до министерот за животна средина и енергетика и до претседателите и директорите на Операторот на дистрибутивната мрежа за електрична енергија, на Независниот оператор за пренос на електрична енергија и на Регулаторната комисија, атинскиот градоначалник Харис Дукас бара да се преземат сите потребни мерки за покривање на енергетските потреби на градот и да се избегнат прекини во електричната енергија во текот на летната сезона, јави дописничката на МИА од Атина.

Дукас, се осврнува на прекините со електрична енергија во Шпанија и Португалија и ја истакнува потребата за енергетска безбедност во периодот кога освен жителите, во градот ќе бидат и туристите со што ќе се зголеми потрошувачката на електрична енергија и посочува дека „неопходно е сите инволвирани да им гарантираат енергетска одржливост и безбедност на граѓаните и посетителите на Атина“.
Во пресрет на летната сезона, во која потрошувачката на енергија во Атина тројно се зголемува поради зголемениот туризам, а со оглед на тоа што првите податоци укажуваат на ново рекордно зголемување на туристичките пристигнувања годинава, за кои се проценува дека ќе достигнат до околу десет милиони, потребно е да се обезбеди непречено функционирање на електричните мрежи и непречено покривање на енергетските потреби на градот, пишува Дукас.
Дополнително, бара од надлежните да информираат за плановите за покривање на зголемените потреби во текот на летото, за тоа дали се преземени сите потребни мерки, како и мерките за справување на евентуални итни потреби.