Skip to main content
Скопје

Градежен шут се исфрла среде населено место во Ченто

23/09/2026  21:07

Жители на скопската населба Ченто до редакцијата на 24 Инфо испратија видео на кое се гледаат камиони на улицата „Јужноморавска бригада“, на локација за која тие тврдат дека подолг период се користи за истурање градежен шут и друг отпад.

Според нивните тврдења, проблемот не е нов, а камиони во повеќе наврати доаѓале на ова место. Жителите велат дека има голем број поплаки поради создавањето дива депонија во непосредна близина на нивните домови.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што локацијата се наоѓа во близина на простор кој го користат за игра децата од околните куќи. Жителите стравуваат дека натрупаниот градежен и друг отпад претставува ризик за безбедноста и здравјето на најмладите.

Тие посочуваат и на уште еден проблем – според нив, околу депонијата често се собираат бездомни кучиња, што дополнително создава чувство на несигурност кај семејствата кои живеат во непосредна близина.

Како што тврдат жителите за состојбата во повеќе наврати била пријавувана до Општина Гази Баба, но досега, според нив, нема конкретна реакција со која би се спречило понатамошното истурање отпад.

Жителите бараат надлежните инспекциски служби итно да излезат на терен, да утврдат кој го носи и истура отпадот, дали за тоа постои соодветна дозвола и, доколку се утврдат неправилности, да бидат преземени мерки.