Skip to main content
Македонија

Филипче: Економијата во стагнација, образованието е дебакл, институциите парализирани

05/11/2025  14:59

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција, укажа дека извештајот на Европската Комисија потврди дека државата е во целосен застој – економијата е во стагнација, во образованието има дебакл, а институциите се парализирани. 

„Во делот на економија и  јавните претпријатија, има ограничен напредок кон функционална пазарна економија, реализацијата на јавни инвестиции останува слаба. Буџетскиот дефицит е поголем од планираниот. За жал овој извештај потврди дека државата во целосен застој, реформите се блокирани, институциите се парализирани, а европскиот пат е сведен на празна реторика без никаква реална содржина”, рече Филипче.

Она што загрижува како што кажа Филипче и е нотирано во извештајот е доцнењето на повратот на ДДВ кон компаниите.

„Во делот на даноци, тоа што исто така постојано предупредуваме и ни се жалат многу компании, постојани доцнења во повратот на ДДВ. Само 15% се обработуваат навреме, сериозно е загрозена ликвидноста на македонските компании”, рече Филипче.

Говорејќи за напредокот по области нотиран од Европската Комисија, Филипче укажа дека алармантни се и податоците во делот за образование, млади и иновации.

„Во делот на образованието, млади, иновациите – едноставно, дебакл. За образованието од БДП, наместо 3,7  проценти како досега, или зголемување како што е тоа потребно и како што сите сакаме, има само 3,2 проценти – што е  сериозно под просекот на Европската унија. Поразително е што основните резултати во учењето се влошуваат, а и онака бевме на дното во Европа и светот – резултатите од ПИСА се полоши во сите области”, потенцираше Филипче.

Во земјоделството, како што кажа Филипче, во извештајот е нотирано дека нема нов закон,  регионалниот развој е ограничен, се доцни и лошо се управува со прекуграничните програми.Исто така, и во делот за животна средина, нема закон за клима, нема усогласување со систем за тргување со емисии на Европската Унија.