Skip to main content
Економија

Фер туризам започнува со пријавен доход“ – УЈП со едукативна средба во Кочани

05/11/2026  15:57

Управата за јавни приходи ги продолжува активностите насочени кон подигнување на даночната свест и обезбедување поддршка за туристичкиот сектор, во рамки на кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. Како дел од овие активности, на 05.11.2026 година во Кочани беше организирана информативно-работна средба на која учествуваа туристички работници, угостители, лица кои нудат сместувачки услуги, како и други субјекти кои се занимаваат со дејности поврзани со туризмот.

Средбата, реализирана во соработка со Општина Кочани, беше посветена на практични прашања поврзани со пријавувањето и оданочувањето на приходите, ангажирањето сезонски работници и исполнувањето на даночните обврски во туристичкиот сектор.

Во рамки на настанот, стручните лица од УЈП ја нагласија потребата од навремена информираност, отворена комуникација и постојана помош за даночните обврзници. Беше потенцирано дека редовното и одговорно подмирување на даночните обврски создава рамноправни услови за работа, ја зајакнува меѓусебната доверба и придонесува за развој на праведен и конкурентен туристички сектор. Од страна на претставниците на Општина Кочани беше истакнато дека успешниот развој на туризмот бара заеднички ангажман и координација меѓу општината, надлежните институции и туристичките чинители, со цел подобрување на туристичките капацитети и создавање нови можности за локалната економија.

Претставниците на УЈП ги информираа присутните за обврските за пријавување и оданочување на приходите од издавање соби, апартмани, куќи, вили и други видови сместување. Беше нагласено дека обврската важи и за краткорочно изнајмување, без оглед на начинот на плаќање и дали станува збор за домашни или странски гости, како и за резервациите преку дигитални платформи како Booking, Airbnb, Kayak, TripAdvisor и други.

На средбата беа презентирани практични примери за пријавување на приходите од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за можноста даночните обврзници самостојно да го пресметаат данокот на личен доход и да ги утврдат признатите трошоци преку алатката Калкулатор.

Присутните имаа можност да постават прашања и да добијат конкретни појаснувања од претставниците на УЈП. Информативните активности имаат за цел да обезбедат навремена поддршка и да го олеснат правилното исполнување на законските обврски.

Кочани има значаен потенцијал за развој на рурален, еко, културен и активен туризам, со можности за збогатување и унапредување на туристичката понуда. Токму затоа, уредното работење и почитувањето на даночните правила се важни за создавање фер услови и одржлив развој на туристичкиот сектор, бидејќи, како што беше појаснето, фер туризам значи одговорно работење, пријавен доход и исти правила за сите.