Skip to main content
Македонија

Експерти предупредуваат: Современите закани сè повеќе доаѓаат преку технологијата и дезинформациите 

13/05/2026  10:20

Прашањата за безбедносната култура, демократската отпорност и современите безбедносни политики беа во фокусот на Втората научна конференција „National Security Cultures – A View from the Balkans”, која вчера се одржа во Скопје во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт” – канцеларија Скопје.

Конференцијата отвори дебата за улогата на културните, политичките и институционалните фактори во справувањето со современите безбедносни предизвици, особено во услови на геополитичка нестабилност, хибридни закани и растечка општествена поларизација.

Во рамки на првиот панел на тема „Security Culture as a Framework of National and Supranational Security Policies and Practices”, учество зедоа проф. д-р Синиша Таталовиќ од Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб, проф. д-р Ненад Марковиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први”, вонр. проф. д-р Вања Роквиќ од Факултетот за безбедносни студии при Универзитетот во Белград, проф. д-р Ана Чупеска од Правниот факултет „Јустинијан Први”, како и доц. д-р Теодора Теа Ристевска од Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана. Модераторка на панелот беше проф. д-р Лидија Георгиева.

Проф. д-р Синиша Таталовиќ, потенцираше дека безбедносната култура денес не може да се разбира изолирано од глобалните политички и општествени процеси, туку мора да се гледа како динамичен концепт кој постојано се менува.

„Во услови на зголемена меѓузависност на државите, но и истовремено растечки геополитички тензии, безбедносната култура станува клучен фактор за разбирање на стабилноста на општествата. Особено важно е да се разбере улогата на образованието и научните институции во развојот на безбедносната свест. Универзитетите и истражувачките центри имаат одговорност да создаваат критичко мислење и да поттикнуваат култура на дијалог. Без критичко размислување, безбедносните политики лесно можат да се сведат на реактивни мерки, наместо на долгорочни и одржливи решенија. Ниту една држава не може сама да се справи со современите безбедносни предизвици. Затоа, потребна е поголема координација, размена на знаења и градење доверба меѓу државите во регионот”, изјавиТаталовиќ, додавајќи дека регионалната соработка на Балканот е клучна за стабилноста и развојот на безбедносните политики.

Проф. д-р Ненад Марковиќ, истакна дека безбедноста не може да се гледа исклучиво низ традиционалните „тврди” безбедносни пристапи, туку мора да се анализира и низ пошироки општествени контексти.

„Редефинирањето и воведувањето на поимот безбедносна култура во суштина укажува на одредени дисфункции во организацијата на општествата и институциите. Токму тие дисфункции се она што ја прави оваа тема исклучително значајна за анализа, бидејќи покажуваат како стравот, несигурноста и перцепцијата на ризик ја обликуваат безбедносната реалност. Посебно важен фактор во балканскиот контекст е и употребата на социјалниот конзервативизам како инструмент во политичките и безбедносните процеси. Во последните децении, наративи поврзани со антимигрантски ставови, антималцински чувства и различни теории на страв често се користат за политичка мобилизација, што директно влијае врз безбедносната култура. Дополнително, се забележува и генерациски јаз, каде младите генерации имаат значително повисок праг на стимулација и поинаков начин на перцепција на информациите. Во современото дигитално општество, вниманието станува краткотраен ресурс, а брзината на информации често ја заменува длабочината на разбирањето”, рече Марковиќ.

Проф. д-р Ана Чупеска, порача дека вакви публикации и стимулативни конференции се сè почесто потребни и, всушност, сè повеќе недостигаат во современиот академски дискурс.

„Безбедноста во дигиталната ера одамна не е само техничко прашање. Таа претставува клучен елемент за зачувување на демократската практика и самата човечка суштина, нејзината епистемолошка и онтолошка димензија. Безбедноста мора да се реферира на нови точки на анализа, кои се наоѓаат далеку од класичните модели на воена сила, геополитичко позиционирање или економска доминација. Ова бара посилна афирмација на темата за безбедносната култура, особено во нејзината популарна и општествено разбирлива форма”, посочи Чупеска, додавајќи дека неопходно е да се развие сеопфатна платформа која ќе ги интегрира безбедносната, политичката и културната димензија, како и да се зајакне отпорноста на општествата.

Проф. д-р Вања Роквиќ, нагласи дека државите сè повеќе инвестираат во системи за вооружување и одбранбени капацитети, наместо во механизми кои директно ја зајакнуваат човековата безбедност и заштитата на цивилното население.

„Од 2020 година наваму се забележува значителен раст на глобалната трговија со оружје, што отвора прашања дали безбедносните политики честопати се водени од реални безбедносни потреби или од економски интереси поврзани со воената индустрија. Се поставува прашањето дали традиционалниот концепт на национална безбедност и понатаму е доволен. Денес мораме многу повеќе да зборуваме за проширен концепт на безбедност, кој покрај воената компонента ќе ги вклучи и човековата безбедност, здравството, образованието, економската стабилност и одржливиот развој”, заклучи Роквиќ.

На вториот панел „Security Culture and Democratic Resilience” говореа проф. д-р Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први”, проф. д-р Виолета Цветковска од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, д-р Анкица Томиќ од Босна и Херцеговина, проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска од Правниот факултет „Јустинијан Први”, како и м-р Александар Јекиќ, асистент на Факултетот за општествени науки при Универзитетот во Љубљана, Република Словенија. Модераторка на вториот панел беше проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска.

Проф. д-р Александар Спасов истакна дека денешното разбирање на безбедносната култура мора да се надмине надвор од традиционалните сфаќања за „тврда моќ”, воена безбедност и класична одбрана. Според него, современата безбедносна култура денес претставува поширок концепт што подразбира градење општествена отпорност, подготвеност и способност за справување со новите предизвици кои се појавуваат во современото општество. Тој нагласи дека современите авторитарни режими токму преку новите технологии успеваат да го продолжат своето влијание и да создадат дополнителни притисоци врз демократските системи. Во тој контекст, Спасов се осврна на три клучни процеси во Северна Македонија кои, според него, биле предмет на обиди за идеолошка субверзија: процесот на решавање на спорот за името и Преспанскиот договор, актуелниот спор со Бугарија во контекст на европските интеграции и таканаречениот француски предлог, како и последиците од руската агресија врз Украина врз јавното мислење и перцепцијата кон Западот.

Осврнувајќи се конкретно на Преспанскиот договор, Спасов оцени дека станувало збор за исклучително чувствителен процес, во кој било неопходно да се најде баланс меѓу интересите на двете страни. Тој посочи дека во моментот кога станало извесно дека договорот ќе биде постигнат, започнале организирани обиди за негово дестабилизирање преку поттикнување тензии, радикализација и создавање насилство од двете страни, со цел да се наруши целиот процес. Според него, тоа претставува јасен пример за тоа како современите безбедносни закани се манифестираат преку манипулација со јавноста, дезинформации и продлабочување на општествените поделби.