
Во насока на зголемување на безбедноста на капачите и учесниците во пловидбата, а заради заштита на човечките животи и непречено користење на езерските води, Владата на предлог на Министерството за транспорт донесе Одлука за ограничување на пловидба на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро.
Имено со Одлуката се ограничува:
– Пловидба на скутери во период од 1 јули до 31 август 2026 година од 11 часот се до 19 часот.
– Пловидба на чамци и тоа:
од 3 јуни до 31 август 2026 година во времетраење од 21.00 до 05.00 часот
од 1 септември до 30 септември 2026 година во времетраење од 20.00 до 06.00 часот
од 1 октомври до 31 октомври 2026 година во времетраење од 19.00 до 06.00 часот
Оваа Одлука се носи со цел намалување на ризикот од несреќи, спречување на загрозување на безбедноста на капачите и зачувување на јавниот ред на езерата. Исто така надлежните служби ќе вршат засилени контроли и за непочитување на пропишаните ограничувања ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, информираат од Министерството за транспорт.
Апелираат до сите сопственици и управувачи на скутери и чамци да ги почитуваат правилата за пловидба, означените безбедносни зони и насоките на надлежните органи.

