
Сериозни отстапувања меѓу декларираниот и вистинскиот состав на дел од млечните производи што се продаваат во Македонија открија најновите лабораториски анализи, предизвикувајќи загриженост кај потрошувачите и остри реакции од сточарите.
Според информациите објавени од Телевизија 24, анализите покажале дека кај одредени производи процентот на млечна маст значително отстапува од она што е наведено на декларациите, а кај дел од нив е утврдено и присуство на растителни масти во производи кои се продаваат како млечни.
Најголеми отстапувања биле констатирани кај увозни, но и кај домашни производи. Кај урдата на српскиот производител „Бела Фарм“, наместо декларираните 25 проценти млечна маст, лабораториските анализи покажале само 5,54 проценти. Кај ситното сирење на „ПК Златибор“, пак, биле измерени само 1,19 проценти млечна маст, иако на декларацијата било наведено дека производот содржи 14,3 проценти.
Неправилности биле утврдени и кај производи на „Норд Милк“, каде што било констатирано присуство на растителни масти во производ што бил деклариран како млечен. Според објавените информации, отстапувања биле забележани и кај производи на брендовите „Маврово“, „Милком“, „Сентис АГ“, „Ѓорѓиеви“, „Продукт“ и „Тетовска млекара“.
И покрај резултатите од анализите, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека институцијата не може официјално да ги објави имињата на компаниите поради можни правни последици.
„Согласно Законот за интелектуална сопственост и Законот за потрошувачите, не можеме во моментов да ги откриеме имињата бидејќи тоа ќе предизвика економски соочувања. Не сакаме Агенцијата да сноси товар од прекршочни и кривични пријави“, изјавил Миланов.
Случајот бил отворен по анализи на мостри извршени во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, а експертите предупредуваат дека ниските казни не претставуваат доволна пречка за производителите кои свесно би ги довеле во заблуда потрошувачите.
Дополнителен притисок доаѓа и од јавноста. Доктор Ненад Лазаров преку порталот „Пазарлук.мк“ повика на бојкот на производителите кои нема доброволно да објават независни анализи за квалитетот и потеклото на мастите во своите производи.
Сѐ погласни се барањата за измени на законската регулатива, воведување построги санкции и поголема транспарентност во контролите, со цел потрошувачите да добијат јасна гаранција дека производите што ги купуваат навистина го содржат она што е наведено на декларацијата.

