Skip to main content
Свет

Дрон се урна во северна Литванија, оштетувајќи автомобил во движење

18/10/2026  18:50

Дрон, кој најверојатно навлегол во литванскиот воздушен простор од соседна Полска, се урнал во северниот дел на оваа балтичка земја – членка на ЕУ и НАТО, изјави во денеска министерот за одбрана Робертас Каунас.

Остатоци од дронот оштетиле цивилно возило што било во движење. Никој не е повреден, изјави за литванското радио Вилмантас Виткаускас, шеф на националниот центар за управување со кризи.

Претседателот Гитанас Науседа ја обвини Русија дека стои зад инцидентот.

– Руската агресивна војна против Украина се прелева на источното крило на НАТО и ЕУ, напиша на Х претседателот на Литванија, Науседа. Тој исто така наведе дека дронот (чие потекло се истражува) експлодирал над северниот дел на земјата, претставувајќи опасност за цивилното население.

Властите на Литванија ги предупредија жителите во неколку региони во северниот дел на земјата за можна закана од воздух. Предупредување добија и жителите на некои летонски региони што граничат со Литванија.

Борбени авиони на НАТО беа испратени да го идентификуваат објектот. Сепак, поради временските услови, не било можно да се воспостави визуелен контакт. Литванија и предложи на Полска спроведување заедничка истрага за инцидентот.

Претставник на НАТО потврди дека два италијански авиона „Еурофајтер“ биле ангажирани поради присуство на дрон во литванскиот воздушен простор. Леталата дејствувале под команда на НАТО. Во тек е истрага, а НАТО е во тесен контакт со литванските власти, изјави портпаролот на алијансата.

Веќе се пронајдени одредени остатоци и делови од дронот, но сè уште не е јасно дали носел експлозив.

Литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус, пак, соопшти за уште еден инцидент – обид за подметнување пожар во објект каде што е сместена опрема за сателитска комуникација „Старлинк“, за кој, според него, исто така е одговорна Москва.

Тој посочи дека во објектот има девет сателитски антени кои обезбедуваат врска со системот „Старлинк“, кој ѝ помага на Украина.