Skip to main content
Македонија

ДОМ: Претпразнични и предизборни партиски вработувања во инспекторатот за животна средина

01/08/2025  11:37

Соопштение на ДОМ:

ДОМ јавно прашува како е можно да се вработуваат и да вршат инспекциски надзори во индустријата инспектори без лиценци, кога согласно Законот за инспекциски надзор и Законот за инспекциски надзор во животна средина мораат да ја поседуваат лиценцата? Не станува збор само за грешка во постапката, штетата врз институцијата е уште поголема затоа што се нанесува силен удар врз стручноста на истата.

Ова е уште едно предизборно полнење на институциите со партиска администрација. Институциите не смеат да се претворат во партиска каса, каде што местата се мерат според политичката припадност, а не според нивното знаење и компетентност.

ДОМ го прашува министерот од ЗНАМ г-н Горан Минчев: Вака ли ќе ја департизирате администрацијата со наместени огласи од партиски војници? Животната средина не може да ја зачуваат нестручни и необучени партиски послушници, водени од мотивот да добијат награда за својот ангажман на претстојните локални избори.

Со одлучност и без компромис, Зелената партија ДОМ бара итно поништување на овој сомнителен оглас, целосно почитување на законските лиценци и стручни стандарди, како и спроведување на транспарентна, непристрасна постапка за вработување инспектори. Само  на тој начин можеме да ја вратиме довербата на граѓаните и да ја заштитиме природата за идните генерации.