
Соопштение на ДОМ:

По денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се повлече од иницијативите за изградба на дата-центри, ДОМ повторува дека дебатата не треба да се сведува на прашањето дали државата ќе се откаже од технолошкиот развој.
Токму затоа ДОМ ја отвори темата и на европско ниво, преку предлог-резолуцијата за регулиран развој на дата-центрите, која е избрана меѓу четирите теми за резолуции на претстојниот Конгрес на Европската зелена партија во Варшава.
Никој не е против дигитализација и развој на вештачката интелигенција. Прашањето е под какви услови ќе се развива оваа инфраструктура и кој ќе ги утврди тие услови. И затоа токму сега е моментот да се воспостават правилата под кои ќе се градат дата-центрите и ваквата инфраструктура, со вклучување на јавноста и сите засегнати страни.
Не е доволно да се каже дека процесот е „неповратен” или дека Владата нема да се повлече. Потребно е однапред да бидат воспоставени и јасно познати условите и критериумите под кои ќе се развива идниот развој на земјата. И најважно, да биде јасно дефинирано кој ќе ја сноси одговорноста доколку се појават негативни последици.
Особено е важно развојот на дата-центрите да не се претвори во натпревар за привлекување инвестиции во кој државата однапред ги прифаќа условите на инвеститорите, а јавниот интерес се разгледува дополнително.
ДОМ смета дека технолошкиот развој и заштитата на природните ресурси не се спротивставени цели. Напротив, современа држава е онаа што знае да постави правила со кои ќе овозможи инвестиции, но истовремено ќе ги заштити енергетската и водната сигурност, животната средина и локалните заедници.
На Македонија ѝ треба технолошки развој, но не по секоја цена – туку со јасни правила.
