
Денес се навршуваат десет години од катастрофалното невреме што на 6 август 2016 година го погоди скопскиот регион и предизвика една од најголемите природни трагедии во поновата историја на Македонија. Во разорните поплави животот го загубија 22 лица, а десетици беа повредени, додека илјадници граѓани останаа без своите домови или претрпеа огромни материјални штети.
Невремето започна во попладневните часови со поројни дождови, силен ветер и интензивна грмежлива активност. Најтешко беа погодени населбите и селата Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Арачиново и околните подрачја, каде надојдените води за само неколку часа претворија улици во реки, поплавија домови, уништија инфраструктура и однесоа човечки животи.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на 24 часа во Скопје наврнаа 92,9 литри дожд на метар квадратен, додека во првите два часа од невремето беа регистрирани повеќе од 800 удари на гром. На метеоролошката станица на Зајчев Рид беше измерен рекорден петчасовен интензитет на врнежи од 84,5 милиметри – показател за екстремноста на временската непогода.
Поројните води носеа автомобили, уриваа дрвја, поплавуваа куќи и предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија. Во текот на ноќта беа евакуирани околу илјада жители од најпогодените подрачја, а спасувачките екипи со часови се бореа да стигнат до загрозените семејства.
Во деновите што следуваа, Македонија покажа голема солидарност. Преку Црвениот крст, Кризниот штаб, институциите, компаниите и илјадници граѓани беа организирани акции за собирање храна, вода, облека, средства за хигиена и друга неопходна помош за настраданите. На 8 август 2016 година беше прогласен Ден на жалост во Република Македонија во чест на жртвите од оваа трагедија.
И по една деценија, 6 август останува датум што буди тага и сеќавања кај многу семејства. Катастрофалните поплави се силен потсетник за важноста на навременото предупредување, ефикасната заштита и спасување, како и за потребата од постојано унапредување на системите за справување со екстремни временски непогоди.
Скопје денес со почит се сеќава на 22-те жртви и на сите кои несебично помогнаа во најтешките моменти. Да не се заборави – никогаш да не се повтори.

