Skip to main content
Македонија

Дебата во вилата „Билјана” во Охрид: Тешката битка со меѓуврсничкото насилство се добива со навремено препознавање и соодветно реагирање

11/08/2026  17:28

Во пресрет на 12 Август, Меѓународниот ден на младите, во вилата „Билјана” во Охрид се дебатираше на тема „Меѓуврсничко насилство и вандализам: младите, училиштата и дигиталниот простор”, во организација на Советот за млади во рамките на Кабинетот на Претседателката.

Дискусијата се фокусираше на превенцијата и заштитата од меѓуврсничко насилство, влијанието на дигиталниот простор, менталното здравје, улогата на училиштата и стручните служби, како и потребата од координиран институционален одговор.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека младите не се само иднината, туку и сегашноста, а нивното активно учество во општеството е предуслов за подобро разбирање, навремено спречување и решавање на проблемите врзани за насилството. 

За неа, вистинското, а не виртуелното дружење, непосредната, а не дигиталната комуникација имаат незаменлива вредност, а љубовта, почитта и мировната култура се учат од најрана возраст.

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, проблемите мора да се решаваат во сегашноста, со посилен фокус на превенцијата, безбедната училишна средина и подготвеноста на наставниот кадар да ги препознава новите форми на агресија. Таа нагласи дека промената на менталитетот е долг процес во којшто мора да учествуваат сите општествени чинители.

Владимир Караев, претседател на „Рубикон”, коешто ја практикува театарската техника „форум театар” предупреди на влијанието на  пасивните сведоци, укажувајќи дека насилството добива сила кога има публика. Тој повика на нулта толеранција и проактивност, односно охрабрување на младите да реагираат.

Младинската активистка Селма од Струга, зборуваше за врсничкото насилство мотивирано од етничката припадност и потребата од рано воспитување во духот на заемната почит, со порака дека различностите треба да бидат предизвик за учење едни од други, а не причина за поделби.

Студентката и младинска активистка Ангела, нагласувајќи ја важноста на личната одговорност во градењето на меѓуврсничките односи, укажа дека социјалните мрежи нецелосно ја отсликуваат реалноста, па дигиталната комуникација честопати остава простор за погрешно толкување.

Панелистите и учесниците во дебатата се согласија дека тешката битка со меѓуврсничкото насилство се добива со навремено препознавање и соодветно реагирање. За сите, младите не се само иднината, туку и сегашноста, затоа мораме да градиме мировна култура.