
Соопштение на ЛДП:
„Законот се спроведува, а не се преговара! Како што без ниту еден збор на двоумење и до ден-денес ги исплаќате зголемените плати на функционерите по одлуката на Уставниот суд, така сте должни веднаш да ги исплатите и зголемените издатоци за студентскиот оброк, усогласени со инфлацијата точно како што предвидува законот”, вели Бранкица Цветковска, претседателка на ЛиДеМ Битола.
По демантот од студентските претставници дека ништо не е договорено, јасно е дека власта повторно се обидува да купи време и да манипулира со јавноста, наместо да си ја исполни законската обврска.
“Со ваквиот однос го уништивте целиот правен систем, претворајќи ги законите во обично мртво слово на хартија и приватна „желботека” што ја исполнувате само кога ви одговара. Никој од вас не бара да дебатирате дали ќе го почитувате законот – тоа не е прашање за размислување, туку задолжителна обврска за чие кршење се сноси одговорност. Создавате опасен преседан во кој граѓаните гледаат дека власта селективно ги применува прописите, со што директно ја уривате довербата во државата и институциите”, додава Цветковска.
Либерално-демократската партија (ЛДП) потсетува дека токму ние први поднесовме тужба пред Управниот суд затоа што Владата свесно го крши законот со неусогласувањето на субвенцијата за студентски оброк. Може и мора да се разговара за тоа како дополнително да се унапреди законот и да се подобрат условите за живот и студирање на младите, но за спроведувањето на постојниот закон – преговори нема!
ЛДП им дава целосна и безрезервна поддршка на студентите да истраат во својата борба и да не потклекнуваат пред политички притисоци сè до целосно остварување на нивните законски права.
