
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека Град Скопје изминатиов период на Водно реализираше голем број работни активности со фокус на уредувањето на влезот кон жичарата и поставувањето на ново детско катче, а извршена е и обнова на клупите, кантите за отпадоци и летниковците.
– За илјадници скопјани, Водно е дел од животот. Тука доаѓаме на прошетка по работниот ден, а за викенд тргнуваме по патеките со семејството и со пријателите. Затоа, за мене како градоначалник, заштитата на Водно и обновата на местата каде што скопјани се собираат и одмораат се меѓу најважните приоритети. Изминатиов период работевме на уредување влезот кон жичарата и изградивме ново детско катче. Денес, Водно го доби својот нов лик. Ги обновивме клупите, кантите за отпадоци и летниковците, а дрвените елементи ги освеживме со нова боја – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека претходно е поставен и нов асфалт на патот кон Средно Водно и дека за првпат е поставено ЛЕД-осветлување. Дополнително, изграден е и моторички парк, каде што децата низ игра на отворено можат да вежбаат рамнотежа и координација.
– Од Водно најубаво се гледа колку е убаво нашето Скопје. Затоа, да внимаваме каде го оставаме отпадот, да ги чуваме дрвјата и сето она што е направено за сите нас. Да го оставиме Водно чисто по секоја прошетка и зелено за секоја следна генерација – рече Ѓорѓиевски. Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази благодарност до општествено одговорната компанија „Филип Морис”, за поддршката во уредувањето на овој простор.



