Skip to main content
Македонија

Цветановски ЛДП: До кога ќе купуваме „мачка во вреќа”? Нема да отстапиме од отворените листи!

26/07/2026  08:36

Во најновата авторска колумна објавена на официјалната веб-страница на Либерално-демократската партија (ЛДП), Дејанчо Цветановски, член на Извршниот одбор на ЛДП и директен учесник во Работната група за измени на Изборниот законик, упатува остар, искрен и аргументиран апел за конечно демаскирање на политичките манипулации околу изборниот модел.

Говорејќи директно од позиција на експерт кој одблиску ги следи преговорите и процедуралните опструкции зад затворените врати, Цветановски отворено го демаскира лажниот реформизам на големите партиски централи.

„Ајде искрено и со факти да говориме за изборниот модел, на страна бруталните лаги и манипулации кои ги слушаме деновиве. На хартија и пред камерите, сите лидери велат дека се за една изборна единица, но штом ќе се исклучат камерите, почнува добро познатата ‘коалициска’ гимнастика и туркање на идејата под тепих. Зад оваа политичка хипокризија стои исклучително чист и оголен страв од тоа граѓаните конечно да ја преземат контролата врз изборите!” – истакнува Цветановски.

Во колумната, Цветановски ја користи и пластичната метафора за тоа што всушност значи гласањето со затворени листи:

„Да се гласа со затворени листи е исто како да ве тераат во ресторан да платите за поставено мени каде сопственикот веќе решил што мора да јадете, а потоа со насмевка ве убедува дека тоа бил ‘ваш слободен избор’. Доколку храната е расипана – вие ја плаќате сметката, но ниту менито ниту ресторанот немате право да го смените и, се разбира, немате право да се жалите!”

Анализирајќи ги причините за отпорот кон отворените листи, во текстот се посочуваат два клучни страва кај партиските елити: стравот на лидерот од губење на „диригентската палка” и паниката кај партиските апаратчици од суровата меритократија. Цветановски потсетува и на скандалозната практика на потпишување „бланко оставки” на кандидатите за пратеници пред партиските лидери како систем што произведува заложници, а не народни претставници.

По посебен фокус во колумната е ставено демаскирањето на, како што пишува авторoт, „политичката шизофренија” на владејачките партии:

„Нивната логика кон граѓанинот се сведува на следното: ‘Мене ми требаш ти, избирачу, само за да ме изгласаш онака како што ЈАС сакам – зашеметен од популизмот што ти го продавам и принуден да ја голтнеш листата што јас сум ти ја сервирал. Ама да не си помислил да ми се мешаш во кадрирањето, а ако имаш друг пасош – да не си ни помислил да бидеш кандидат!’ Ова е директна и отворена навреда за интелигенцијата на секој еден гласач.”

Како либералдемократи, пораката до јавноста и до политичките противници е повеќе од јасна и одлучна: компромис со демократијата не смее да има.

„И покрај сите блокади и тивки опструкции, ние како либералдемократи нема да отстапиме од оваа иницијатива. Борбата за една изборна единица со отворени листи не е политички каприц, туку суштинска потреба за македонската демократија. Ние остануваме на чело на оваа борба — за институции водени од луѓе со интегритет, а не од партиски послушници!” – заклучува Цветановски во својата колумна.