
Во Општина Брвеница денеска се одржуваат предвремени избори за градоначалник. Право на глас имаат 16.256 граѓани, а гласањето се спроведува на 24 избирачки места.
Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, во редовните изводи се запишани 15.798 избирачи. Во посебниот извод за лица на привремена работа или престој во странство има 449 избирачи, додека девет се евидентирани во изводот за лица што издржуваат затворска казна или се во притвор.
За градоначалничката функција се натпреваруваат шест кандидати. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ настапува со Стојанчо Радичевски, коалицијата предводена од СДСМ со Јовица Радески, Вреди/Влен со Јакуп Усеини, а Националната алијанса за интеграција со Аркин Јахији. Кандидати предложени од групи избирачи се Арифе Идризи и Душан Богдановски.
Гласањето за болните и немоќните лица беше организирано вчера. Претседателката на Општинската изборна комисија, Недиме Салаи, информираше дека за оваа категорија биле пријавени 88 лица.

Предвремените избори се одржуваат по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст.


